• вторник, 24 декември 2024

Силните миризби на телото можен знак за сериозни здравствени проблеми

Силните миризби на телото можен знак за сериозни здравствени проблеми

Њујорк, 5 април 2023 (МИА) - Чудните мириси и миризби на телото се можен знак за потенцијални здравствени проблеми, а лекарите тврдат дека некои можат да бидат и знак за рак. Следат неколку примери.

Силен и непријатен мирис на пот

Ако не може да се ослободите од непријатниот мирис на пот ниту по туширање, тоа може да значи недостаток на магнезиум, според американскиот кардиолог Роберт Сегал од Универзитетот на Њујорк. Кога консумираме премногу кофеин, шеќер или преработена храна, тоа може значително да го намали нивото магнезиум. Сè тоа предизвикува и грчеви во мускулите, вкочанетост и пецкање, експертите препорачуваат дека би било добра идеја да го провериме магнезиумот во телото.

- Магнезиумот е минерал којшто помага во чистењето на нашите внатрешни органи, а исто така и во ослободувањето од непријатниот мирис на телото, појасни кардиологот.

Премногу интензивни миризби на телото

При дигестивни нарушувања како Кронова болест или улцеративен колитис, може да се работи и за сериозен недостаток на цинк. Д-р Сегел истакнува дека цинкот му помага на човековото тело да управува со отпадните материи и токсините, а кога има дигестивно нарушување, телото може да не го апсорбира минералот како што треба. Како резултат на тоа, недостатокот на цинк може да резултира со силна миризба на телото, особено - лош здив.

Здив што смрди на „расипани јајца“

- Ако не може да се ослободите од лошиот здив ниту со миење заби, веројатно имате здравствен проблем. А, ако тој лош мирис во вашата уста наликува на „расипани јајца“, може да се работи за бактериска инфекција, предупредува д-р Сегал.

Имено, лошиот здив го предизвикува бактеријата „H. pylori“ којашто ја има во нашиот дигестивен систем. Кај некои луѓе тоа не предизвикува забележителни симптоми, а кај други може да доведе до чир на желудник, па дури и рак на желудникот.

Непријатен мирис од увото

Непријатниот мирис на телото може да потекнува и од увото, иако не е толку чест и вообичаен, смета лекарот. - Ако имате многу лош и непријатен мирис во вашите уши, најверојатно страдате од некаква инфекција, што е она што доведува до гореспоменатата остра арома. А, друг пример за ова се сраснати влакна или лојна циста, и кога таа иритација или инфекција ќе пукне, она однатре речиси секогаш има исклучително непријатен мирис, објасни д-р Сегал. си/

Фото: Пиксабеј.

Остани поврзан