• среда, 27 ноември 2024

Силен дожд и поплави во Англија, наставата откажана, многу патишта се непроодни

Силен дожд и поплави во Англија, наставата откажана, многу патишта се непроодни

Лондон, 23 септември 2024 (МИА) - Обилни врнежи и поројни поплави погодија делови од Англија и Велс предизвикувајќи прекин на сообраќајот и материјална штета.

Патишта и куќи се поплавени во централна и јужна Англија, а во некои области во текот на ноќта врнеше дожд колку што врне за еден месец.

На фудбалскиот терен на АФЦ Вимблдон во Лондон се појавила дупка, а итните служби примиле 350 повици поврзани со поплави.

Локалните власти соопштија дека сите служби за итни случаи работат што е можно побрзо и дека ранливите луѓе се приоритет. Долгите врнежи од дожд се очекува да продолжат и во текот на утрешниот ден, што може да зафати делови од Шкотска.

Жолто предупредување за дожд е во сила во поголемиот дел од Англија до крајот на денот, со исклучок на крајниот југозапад и делови од северна Англија и источен Велс. Заедно со врнежите најавено е и значително опаѓање на температурата, која поради северниот ветер ќе биде пониска од просечната за овој период од годината.

Десетици училишта низ Бедфордшир, Нортхемптоншир и Питерборо беа затворени во текот на денот. Некои најавија дека очекуваат утре повторно да можат да одржат настава. Но, се уште нема потврда за тоа.

Многу патишта се сè уште непроодни, а од утрово не функционираат и некои железнички линии. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан