• сабота, 06 декември 2025

Си-Ен-Ен: Пакистан нема да одговори на нападот од Индија додека нема обид за дипломатско решение

Си-Ен-Ен: Пакистан нема да одговори на нападот од Индија додека нема обид за дипломатско решение

Исламабад, 9 мај 2025 (МИА) – Пакистан не сака да одговори на нападот на Индија додека САД, Саудиска Арабија и други земји не се обидат спорот да се реши по дипломатски пат, изјави извор од пакистанската влада за Си-Ен-Ен (CNN).

Изворот навел дека Пакистан остава простор за дипломатија, негирајќи дека Пакистан ја нападнал Индија, и истакнал дека Пакистан ги повикал САД, врз основа на сателитски снимки, да ги потврдат или демантираат тврдењата на Индија за пакистански напади. Тој исто така рекол дека досега немало директна комуникација меѓу официјални лица на Индија и Пакистан.

Најмалку пет цивили загинаа во текот на ноќта, а 14 беа ранети во размена на артилериски оган меѓу индиски и пакистански војници долж линијата на контрола што го раздвојува спорниот регион Кашмир меѓу двете земји, рекоа локални индиски и пакистански официјални лица.

Индиски официјални лица претходно рекоа дека Пакистан лансирал ракети и дронови на воени локации во Индија и дел од Кашмир под индиска управа.

Пакистанската војска вчера соопшти дека не се точни информациите дека Пакистан нападнал 15 локации во Индија и дел од Кашмир под индиска управа.

Портпаролот на индиската војска претходно за Си-Ен-Ен изјави дека се слушнале експлозии во градот Џаму во Кашмир под индиска управа.

Полицијата во Патанкот, град во индиската држава Пенџаб, исто така добила извештаи за експлозии, според полициски извори. Официјални лица рекоа дека во двете места дејствувала противвоздушна одбрана.

Светските лидери ги повикаа Индија и Пакистан на воздржаност. Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера разговараше со индискиот министер за надворешни работи и пакистанскиот премиер. Рубио изрази поддршка од САД за директен дијалог меѓу Индија и Пакистан.

Тензиите меѓу Индија и Пакистан се зголемија откако на 22 април во напад на дел од Кашмир под контрола на Индија загинаа 26 туристи. Њу Делхи го обвини Пакистан за поддршка на нападот, што Исламабад го отфрли. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан