• понеделник, 23 декември 2024

Сибиха повика на укинување на ограничувањата за напади од долг дострел врз Русија

Сибиха повика на укинување на ограничувањата за напади од долг дострел врз Русија

Киев, 28 октомври 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, денеска повика на итно укинување на ограничувањата за напади од долг дострел врз Русија, откако НАТО потврди присуство на севернокорејски трупи на руска територија.

- Украина со недели предупредуваше дека Русија се подготвува да распореди севернокорејски единици. Не видовме силна реакција. Сега генералниот секретар на НАТО го потврди тоа. Заклучок: Слушајте ја Украина. Решение: Веднаш да се отстранат ограничувањата на нашите удари со долг дострел против Русија, напиша Сибиха на Х.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска го потврди присуството на севернокорејски војници во Русија и нивното распоредување во регионот Курск за учество во војната против Украина.

И Пентагон соопшти дека Северна Кореја испратила околу 10.000 војници во Русија да се обучуваат и борат во Украина во следните неколку недели и нагласи дека нема да има ограничувања за употребата на американско оружје против нив, соопшти денеска Пентагон.

Портпаролката на Пентагон Сабрина Синг изјави дека некои севернокорејски војници веќе се приближиле до Украина и се верува дека се движат кон рускиот пограничен регион Курск, каде Русија се бори за да го одбие украинскиот упад. јт/

 

Остани поврзан