• вторник, 18 март 2025

СЗО: Намалувањето на американската помош може да предизвика милиони дополнителни смртни случаи

СЗО: Намалувањето на американската помош може да предизвика милиони дополнителни смртни случаи

Женева, 17 март 2025 (МИА) - Одлуката на администрацијата на Трамп да ја намали американската развојна помош ќе доведе до големи неуспеси во глобалната борба против смртоносните болести како маларијата и ХИВ, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

-Во текот на последните две децении, САД беа најголемиот билатерален донатор во борбата против маларијата, помагајќи да се спречат околу 2,2 милијарди случаи и 12,7 милиони смртни случаи“, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус во изјавата.

Тој истакна дека веќе се забележани „сериозни нарушувања во снабдувањето со дијагностика на маларија и лекови“ како резултат на намалувањата во САД.

-Ако прекините продолжат, би можеле да видиме дополнителни 15 милиони случаи на маларија и 107.000 смртни случаи само оваа година, додаде тој.

Замрзнувањето на финансирањето на САД предизвикало и „итно запирање на услугите за третман, тестирање и превенција на ХИВ во повеќе од 50 земји“.

-Нарушувањата на програмите за ХИВ би можеле да го поништат 20-годишниот напредок, што ќе доведе до повеќе од 10 милиони дополнителни случаи на ХИВ и три милиони смртни случаи поврзани со ХИВ - повеќе од тројно повеќе од бројот на смртни случаи минатата година, додаде шефот на СЗО.

Тој, исто така, предупреди на неуспеси во борбата против туберкулозата и сипаниците, велејќи дека глобалната мрежа од преку 700 лаборатории за мали сипаници и рубеола финансирана исклучиво од САД „се соочува со неизбежно затворање“.

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди драстични намалувања на меѓународната агенција за развој УСАИД и другите американски институции кои поддржуваат здравствени проекти во странство. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан