Се продаваат четири парцели за лесна и незагадувачка индустрија во штипската зона Три Чешми
- Општина Штип оттуѓува четири градежни парцели за изградба на фабрики или стопански објекти со намена за лесна иднустрија во индустриската зона која се наоаѓа во непосредна близина на населбата Три Чешми.
Штип, 12 јуни 2025 (МИА) - Општина Штип оттуѓува четири градежни парцели за изградба на фабрики или стопански објекти со намена за лесна иднустрија во индустриската зона која се наоаѓа во непосредна близина на населбата Три Чешми.
Секретарот на Општина Штип Вишна Шорова-Ангелова на денешната прес-конференција информираше дека на веб-страницата „градежно земјиште“ објавата е во тек. Градежните парцели се со различни површини, а идните сопственици можат да градат приземје и два ката. Бруто развиената површина е од 3.500 до 8.000 метри квадратни.
-Овие четири градежни парцели се со намена индустрија или три од нив се со намена Г2, а тоа е лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија. Една од нив е индустрија за склопување на финални производи, сервиси и слично. Се работи за градежни парцели кои се со различни површини, од 2.000 до 4.000 метри квадратни и тоа на овие градежни парцели потенцијалите купувачи би можеле да изградат приземје и два ката или бруто развиена површина од 3500 до некаде околу 8 000 метри квадратни, рече Шорова – Ангелова.
Почетната цена е 61 денар за метар квадратен, но потребна е и банкарска гаранција во износ од 300 отсто од вредноста на самата парцела.
-Објавата ќе трае до 7 јули, а аукцијата е на 9 јули 2025 година, вели Шорова Ангелова.
Освен за лесна индустрија изминатиот период во населбата Три Чешми изминатите месеци се продадоа и 20 плацеви за изградба на куќи. Во моментов се работи на патната инфраструктура и канализациска и водоводна мрежа за да можат да се оттуѓат и останатите парцели за домување. вдј/мд/
Фото: МИА