• среда, 27 ноември 2024

Се зголеми профитабилноста на корпоративниот сектор во 2022 година, а задолженоста и натаму е во умерени рамки

Се зголеми профитабилноста на корпоративниот сектор во 2022 година, а задолженоста и натаму е во умерени рамки

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - И покрај предизвиците коишто ги донесе енергетската криза и инфлациските притисоци, речиси во сите дејности од корпоративниот сектор се зголемија приходите од работењето и се подобри нивната профитабилност, се наведува во Извештајот за финансиската стабилност за 2022 година на Народната банка. 

Во 2022 година, сите дејности се вратиле на патеката на профитабилно работење, при што во однос на големината на субјектите, главен двигател на растот на нето-добивката на домашниот корпоративен сектор биле големите претпријатија, коишто воедно имаат и најголемо учество во вкупната остварена нето-добивка на корпоративниот сектор (55,2 проценти). Од друга страна, укажува централната банка, микросубјектите и натаму остваруваат загуба во работењето и тие сѐ уште се најранливата група субјекти од корпоративниот сектор. Учеството на субјектите од корпоративниот сектор што работеле со загуба се намали во 2022 година и изнесува 26,8 проценти од вкупниот број субјекти од корпоративниот сектор. Растот на профитабилноста придонесува за одржливоста на долгот на корпоративниот сектор, којшто и натаму има соодветен капацитет за редовно намирување на обврските.
 

Во Извештајот се наведува дека корпоративниот сектор бележи подобрување и на оперативната ефикасност, при подобра уредност во извршувањето на обврските и наплатата на побарувањата, поради што показателите за ликвидноста сѐ уште се на стабилно ниво, но тоа и натаму е скромно.
 Задолженоста на корпоративниот сектор расте, со што учеството на вкупниот долг во БДП се зголеми (71,1 процент наспроти 69 процент во претходната година), но и натаму е во умерени рамки и под меѓународните прагови за ранливост. Сепак, како што посочува Народната банка, неопходна е претпазливост во овој сегмент. Доколку долгот на домашниот корпоративен сектор се прикаже без краткорочните трговски кредити, како инструмент за финансирање на трговската размена со странство, којшто вообичаено е бескаматен, тогаш учеството на вкупниот долг на домашниот корпоративен сектор во БДП на крајот од 2022 година е речиси исто во споредба со претходната година и изнесува 55,1 процент. Секторот на нерезидентите и натаму е главниот доверител на домашниот корпоративен сектор, а се зголеми и задолженоста кон домашните банки во услови на висок раст на цените на енергентите и општ пораст на трошоците во работењето, што влијаеше врз потребите за ликвидност на домашниот корпоративен сектор.

- Ризиците за работењето на корпоративниот сектор и натаму се нагласени и во периодот што следи главно се поврзани со надворешното окружување коешто е променливо и неизвесно, наведува Народната банка. лв/дма/
 

Целиот извештај е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/content/FSR_2022_MKD.pdf.
 

Остани поврзан