• вторник, 26 ноември 2024

Села: Со укинување на „балансерот“ се нарушуваат основните човекови права

Села: Со укинување на „балансерот“ се нарушуваат основните човекови права

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Скандалозна е вчерашната одлука на Уставниот суд во врска со „балансерот“. Ова е обид да се суспендираат сите одбранбени механизми кои се градени низ овие години, а имаат за цел да ги заштитат правата на граѓаните. Со „удирањето“ по балансерот се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава, изјави претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села.

Тој денеска на прес-конференција во Собранието посочи дека треба да се стави крај на етничкото гласање кое вчера се случило во Уставниот суд .

-Одлука што се донесе вчера во Уставниот суд е резултат на најавата пред две години од страна на сегашниот премиер, а тогашниот лидер на македонската опозиција Христијан Мицкоски, кој уште тогаш изјави дека разговараат за укинување на „балансерот“. Нормално дека ние како Алијанса за Албанците нема да седиме без да преземеме мерки. Итно треба да се стави крај еднаш засекогаш на етничкото гласање што се случи вчера во Уставниот суд, бидејќи не може да се укинат закони донесени со Бадентер од страна на некој судија кој е воден од фактот дека припаѓа на одредени етничка заедница. За донесување на овој Закон биле потребни компромиси, дебати и веќе е прифатен од граѓаните, рече Села.

Тој смета дека минимум што во ваква ситуација треба да се случи е да се донесе закон според кој за сите закони донесени со Бадентер, Уставниот суд треба исто така да одлучува со Бадентер.

-Ние протестираме, а исто така и граѓаните треба да протестираат заедно со нас и да го решиме овој проблем еднаш засекогаш. Ова беше очекувано, бидејќи најавата за овој исход што се случи во Уставниот суд доаѓа од челниците на Влен. Целта е да ја легитимираат секоја политичка постапка која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прави и со нивното присуство во таа власт да ги легитимираат ваквите односи. Јас имам порака до нив - штета која ја прават за ова општество е многу голема. Им препорачувам да направат чекор назад и да почнат да размислуваат не само за нивните интереси, туку и за доброто на сите граѓани, додаде Села.

Тој додаде дека биле потребни години за да се изгради внатрешна кохезија, а потребна е само една одлука таа внатрешна кохезија постепено да почне да се руши.

-Мојот апел до нив е придонесат кон градење на Северна Македонија за сите граѓани, а да ги прифаќаат националистичките повици на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ „Македонија повторно само за Македонците“. Ваквите чекори и ваквите одлуки се само обиди за градење на моноетничка држава во една мултиетничка реалност. Тоа не е добро на кој било граѓанин, без разлика на етничката припадност, рече Села.

На новинарско прашање за коментар околу случаите на често злоупотребување на „балансерот“, тој одговори дека тој се злоупотребувал, но тоа не значи дека треба да се укине туку треба да се преземат мерки за да не се злоупотребува, потенцирајќи дека од претходниот министер од Алијанса за Албанците имало обиди да се стави крај на злоупотреба на балансерот.

Тој потенцираше дека треба да се воведе Закон за правична застапеност, со кој ќе се почитуваат сите етнички заедници и да се предвиди полова еднаквост и уште едн категорија на граѓани - социјални случаи и лица со посебни потреби, а прашан дали овој Закон ќе го поддржи доколку е предложен од Влен, одговори дека ќе дадат поддршка на секој закон за кој сметаат дека е добар.

Уставниот суд вчера на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се  нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. бт/нд/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан