• вторник, 24 декември 2024

Селаковиќ: Со отворањето на Конзулат во Охрид покажуваме почит кон братскиот македонски народ и кон македонскиот јазик и култура

Селаковиќ: Со отворањето на Конзулат во Охрид покажуваме почит кон братскиот македонски народ и кон македонскиот јазик и култура
Охрид, 23 јули 2022 (МИА) - Со отворањето на нашиот Конзулат во Охрид покажуваме почит кон македонскиот јазик и култура и кон братскиот македонски народ, изјави денеска во Охрид министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ.

- Нема култура без јазик. Минатата година Македонија ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во знак на почитување кон тој голем јубилеј кој е значаен за братскиот македонски народ. Во знак на почит кон моите пријатели – домаќини од Република Северна Македонија, охриѓанките и охриѓаните јас вчера се обратив на македонски јазик и знам колку е тоа убаво кога некој ќе ви дојде на гости од друга земја и на тој начин покаже почит. Но, со тоа покажувам дека не само што ги почитувам домаќините, туку и македонскиот јазик и македонската култура, која тој јазик ја изнедри. Во таа смисла и како Република Србија и како Србин кој има многу пријатели, кумови, соработници кои се по потекло од Македонија, кои се Македонци  јас сум горд на тоа наше пријателство. Всушност, ценејќи ја и уважувајќи ја културата дојдов овде не само да го отворам нашиот Конзулат, туку и да покажам почит спрема своите домаќини, рече Селаковиќ на новинарско прашање по отворањето на Конзулатот во Охрид каде присуствуваа и вицепремиерката Славица Грковска и министрите за правда и за култура Никола Тупанчески и Бисера Костадиновска Стојчевска.  

Како што посочи Селаковиќ, како шеф на српската диплоамтија, негова задача е врз основа на насоките на надворешна политика на Белгард, на претседателот Александар Вучиќ и Владата на Србија е да ги зајакнува добрососедските односи со соседите. - Наш сосед е и Бугарија, наш сосед е и Република Северна Македонија. Секој го избира својот пат. Србија го избра патот на јакнење на заедништво, јакнење на соработката, јакнење на што поголема економска соработка. Овде денеска беше присутен и претседателот на Комората на Србија и Србија ќе продолжи да го прави тоа. Ние се грижиме за нашите проблеми, си ја тераме нашата работа, а другите нека си ги вршат своите работи, рече Селаковиќ прашан за коментар за бугарското вето.

Конзулатот во Охрид е 86-ти почесен конзулат на Србија во странство и ќе ги покрива териториите на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар и Центар Жупа. сс/вг/  

Остани поврзан