• среда, 08 јануари 2025

Секторот за даноци од Општина Куманово ги повикува обврзниците да го пријават имотот

Секторот за даноци од Општина Куманово ги повикува обврзниците да го пријават имотот

Куманово, 8 јануари 2025 (МИА) - Секторот за даноци и такси од Oпштина Куманово ги повика правните и физичките лица да поднесат даночна пријава за утврдување данок на имот за 2025 година, пријава за утврдување на комунална такса за фирма (назив) на деловна просторија, односно фирмарина за оваа година.

Даночната пријава за утврдување на данок на имот за 2025 година ја поднесува даночниот обврзник (правно и физичко лице) за имот што го стекнал или почнал да го користи во текот на 2024 година, а за кој нема поднесено даночна пријава (нов даночен обврзник, дополнително стекнат имот кој подлежи на оданочување, имот кај кој настанала промена во сопственоста (отуѓување), имотот кај кој настанала промена во вредноста (доградба, надградба, довршување, проширување) и сите даночни обврзници (правни и физички лица) кои поседуваат имот што се оданочува, а кои во период од 1994 до 2024 година не поднеле даночна пријава за утврдување на данок на имот.

Даночна пријава треба да се поднесе до Oпштина Куманово – Сектор за даноци и такси, на чие подрачје се наоѓа имотот најдоцна до 31 јануари годинава.

- Даночниот обврзник кој поднел даночна пријава за период од 1994 до 2024 година, а кој нема промена во сопственоста или вредноста на имотот, не поднесува нова даночна пријава. Даночните обврзници кои нема да поднесат даночна пријава во определените рокови по оваа јавна покана, ќе се казнат со парична казна за сторените прекршоци согласно Законот за даноци на имот, велат од Секторот за даноци и такси.

Пријава за утврдување на комунална такса за фирма (назив) на деловна просторија односно фирмарина, поднесуваат обврзниците (самостојни вршители на дејност и правните лица), за регистрирана фирма (назив) на деловна просторија односно деловна единица за вршење на соодветна дејност, кои досега немаат поднесено пријава до надлежниот орган за утврдување на обврската по основ на комунална такса, како и обврзници кои имаат поднесено пријава за утврдување на обврската по основ на комунална такса за фирма (назив) на деловна просторија односно деловна единица, кај кои во досегашниот период постојат промени. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан