Седум пратеници ја напуштаат партијата на Герт Вилдерс за да формираат своја фракција
- Вилдерс во Хаг изјави дека седумте пратеници веруваат дека Партијата за слободата треба да биде „поконструктивна и да работи заедно со новата владејачка коалиција, наместо да биде цврста опозиција“. „Немаме намера да го сториме тоа“, рече тој, додавајќи дека неговата партија ќе ја надмине кризата.
Хаг, 20 јануари 2026 (МИА) - Седум пратеници од холандската крајно десничарска Партија за слободата на Герт Вилдерс ја напуштија 26-члената парламентарна група и ќе формираат своја фракција поради незадоволство од неговото водство, изјавија вчера лидерот Вилдерс и пратениците што се отцепија, цитирани од британските медиуми.
Поделбата претставува најсериозен предизвик за Вилдерс за контрола врз партијата, откако таа беше основана во 2006 година.
Вилдерс во Хаг изјави дека седумте пратеници веруваат дека Партијата за слободата треба да биде „поконструктивна и да работи заедно со новата владејачка коалиција, наместо да биде цврста опозиција“.
„Немаме намера да го сториме тоа“, рече тој, додавајќи дека неговата партија ќе ја надмине кризата.
Разделбата со пратениците доаѓа во време кога центристичката, проевропски ориентирана Демократи 66 (Д66), која победи на изборите минатиот октомври, преговара за формирање малцинска влада во коалиција со конзервативниот Христијанско-демократски Апел и централно-десничарската Народна партија за слобода и демократија.
Партијата на слободата беше втора на изборите во октомври со тесна разлика зад победникот Д66, но откако нејзините седум пратеници пребегнаа, левичарската партија Зелени Леви, ќе стане најголемата опозициска сила во парламентот.сд/ссм/
фото: МИА архива