• четврток, 26 декември 2024

Седница на Локалниот совет за превенција во Куманово

Седница на Локалниот совет за превенција во Куманово

Куманово, 25 септември 2024 (МИА) - Куманово ќе формира координативни работни групи од сите чинители од локално и државно ниво за решавање на проблеми кои беа разгледувани на локалниот совет за превенција, соопштија денеска надлежните. Групите ќе преземат конкретни чекори за да се надминат проблемите во сообраќајниот метеж, ослободување на тротоарите за пешаците, регулирање на сообраќај, отстранување на хаварисани возила, заштита на јавниот имот од вандалско однесување.

Ова биле дел од точките кои се разгледувале на вчерашната седница на Локалниот совет за превенција, соопштија денеска од Општина Куманово.

- На мое задоволство на локалниот совет за превенција присуствуваа сите чинители, МВР, ОЈО Куманово, Центар за социјални работи, претставници од јавни претпријатија со кои дискутиравме за единаесет точки на дневниот ред од јавниот ред и мир во градот, уништување на јавната опрема, следење на состојба со амбиенталниот воздух. Ќе формираме работни тимови кои активно ќе се справуваат со овие проблеми, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

На состанокот на Локалниот совет за превенција учесниците разговарале за задолжителни патроли околу училишта, паркови и плоштад, за проблемите со малолетни лица кои возат со скутери без заштитна опрема, за питачењето како појава најмногу забележлива на јавни површини, улици, угостителски објекти, патарина. На седницата присутните ја разгледале можноста за зголемено делување на СВР Куманово по прашање на јавен ред и мир. Една од точките на дневниот ред била и справување со загадување на воздух (палење на отпад, гуми, кабли) и загадување на речно корито.

На седницата се најдоа и точки за контрола и отстранување на диви продавачи од пазари и други јавни површини, можноста за воведувањето на старата, но ефикасна мерка на маалски полицаец – позорникар во реони на градот

Надлежните се согласиле дека треба со заеднички сили поактивно да делуваат на терен, односно почесто да организираат заеднички акции за постепено решавање на наталожените проблеми со сообраќајниот метеж во однос на непрописно паркираните возила, хаварисаните возила, питачењето, справувањето со аерозагадувањето, воведувањето на јавниот ред и мир. ам/цр


Фото: МИА и Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан