• вторник, 24 декември 2024

Седница на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, донесен Акциски план

Седница на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, донесен Акциски план
Скопје, 21 ноември 2020 (МИА) - Согласно одлуката на Владата за прогласување кризна состојба на цела територија на државата во траење од 30 дена, денеска се одржа втората седница на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, што го раководи директорот на Центарот, в.д. Стојанче Ангелов, на која беше донесен Акциски план. -Акцискиот план ќе отиде на разгледување на Управувачкиот комитет што е составен од министрите за внатрешни работи, за надворешни работи, за одбрана, здравство, транспорт и врски и јас како раководител на Главниот штаб. Состојбата кај нас не е нешто полоша од состојбата во регионот. Сметам дека ја имаме под контрола, изјави Ангелов. Најави дека ќе работат и на јакнење на јавната свест. Граѓаните, како што рече, да сфатат дека се работи за една опасна болест. Ќе има продолжување на медиумската кампања, која би била уште позајакната. Најави дека ќе бидат вклучени и претставници од невладиниот сектор. -Ќе побараме од Советот на Владата за соработка со невладини организации да определат неколку претставници на невладини организации кои се занимаваат со човекови права. Ја разгледавме и соработката со Армијата, која ќе и асистира на полицијата, но и ќе дава директна помош на здравствените установи онаму каде што тоа е потребно, изјави Ангелов. Прашан за капацитетите на приватните болници, рече дека тоа не е во надлежност на Главниот штаб, туку на  Министерството за здравство. Ангелов апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус. мд/сст/

Остани поврзан