Седницата за избор на нови министри во Владата продолжува во еден по полноќ
- Собранието во еден часот по полноќ ќе продолжи со расправата за избор на новите министри предложени од Владата - Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.
Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) – Собранието во еден часот по полноќ ќе продолжи со расправата за избор на новите министри предложени од Владата - Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.
Премиерот Димитар Ковачевски на седницата вечерва ја побара довербата од пратениците и од јавноста за формирање постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада.
Пратениците од опозицијата потенцираа дека премиерот не кажал ништо за новите предлози за министри и зошто се тие подобри од претходните. Тие обвинија дека тројца од предлозите за министри биле соработници на претходната власт, односно, како што рекоа, „тие што ги напаѓаат за криминал и корупција“.
Претходно денеска во рамки на 104-та седница за владината реконструкција, Собранието ги разреши министерите од Алтернатива - за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.
На 104. седница треба да бидат разрешени и замениците-министр и за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.
На стартот на седницата што почна на 13 февруари, беа констатирани оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу. мс/аа/