• среда, 27 ноември 2024

Северна Македонија и Албанија ќе го одбележуваат Европскиот ден за територијална соработка со прослава на отворено во Корча

Северна Македонија и Албанија ќе го одбележуваат Европскиот ден за територијална соработка со прослава на отворено во Корча
Корча, 21 октомври 2021 (МИА) - „Минато, традиција, иднина - Начин на кој комуницираме“ е слоганот на претстојниот прекуграничен настан, седма по ред прослава на Европскиот ден за територијална соработка што денеска ќе се одржи во Корча, во организација на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, во соработка со Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија. Главната цел на овој настан се придобивките од имплементација на ИПА програмата за прекугранична соработкапомеѓу двете земји финансирана од Европската Унија. Европскиот ден за територијална соработка, кој се одбележува секоја година низ Европа и надвор од нејзините граници, е можност за локалните заедници и креаторите на политиките да бидат сведоци на важноста на територијалната соработка. Ваквите настани покажуваат како проектите за прекугранична соработка ги намалуваат пречките и диспаритетите, а во исто време го зголемуваат културното разбирање и ефикасност помеѓу европските региони. Сите овие иницијативи финансирани од Европската унија помогнаа да се подобри животот на луѓето долж многуте граници во Европа и пошироко. Овој настан се планира да обедини над 150 учесници од различни профили како што се професионалци од областа на туризмот, претставници од здруженијата, локалната самоуправа, бизнис секторот, занаетчии од двете земји, фолклорни друштва, млади уметници и модни дизајнери од Технолошко-металуршкиот Факултет во Скопје и Универзитет за Уметност при Факултетот за визуелна уметност. Како што јави известувачот на МИА, главниот фокус на овој настан е идентификување на можностите за развој на туризмот, унапредување на соработката во прекуграничната област помеѓу Северна Македонија и Албанија, како и промовирање на резултатите од проектите што се дел од  прекуграничната програма на ЕУ. Во рамките на настанот, заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитрoвски, Сокољ Дедја, генерален директор за Европа во Албанија, амбасадорите од делегациите на ЕУ, Лујџи Сорека и Дејвид Гир и градоначалникот на Општина Корча Сотираг Фило ќе ги поздрават гостите на настанот, потоа со уметничка програма посетителите ќе уживаат во традиционални фолклорни групи со млади, како и саем со занаетчии од двете земји. Собирот има за цел да ја илустрира синергијата на досегашната регионална соработка, на петте проекти, дел од ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија. фф/сп/

Остани поврзан