• сабота, 16 ноември 2024

Северна Македонија е безбедна земја чиј приоритет е зачувување на регионалната безбедност, вели Петровска

Северна Македонија е безбедна земја чиј приоритет е зачувување на регионалната безбедност, вели Петровска

Скопје, 6 ноември 2023 (МИА) – Министерката за одбрана Славјанка Петровска смета дека нашата држава е безбедна, потенцирајќи дека еден од главните приоритети на земјата е зачувување на регионалната безбедност.

Како што истакна Петровска во вечерашото гостување во Сител, заклучокот за безбедноста на земјата е извлечен врз база на информациите со кои секојдневно се располага.

Според неа, во ситуација кога има безбедносни жаришта на неколку локации во светот, потребно е акцент да се стави на постојаната размена на информации за безбедноста на државата.

-Кога имате неколку локации во регионот и пошироко на кои се одвиваат какви било видови на воени дејствија или поместувања многу е важно безбедносно – разузнавачките служби да добиваат навремени и точни информации па вклучително и оние кои ги имаме од наши извори да ги споделуваме со партнерските субјекти, рече министерката за одбрана. 

За состојбата во Косово, министерката посочи дека она што е потребно е будно да се следат случувањата, како и двете страни подеднакво да работат и да се вложат во надминување на препреките помеѓу нив.

Министерката се осврна и на инвестициите во Армијата при што ја спомена планираната набавка на дронови за потребите на Армијата и на државата, а информираше и за набавката на лесни оклопни возила од САД, системите за против воздушна одбрана од Франција, артилериските системи од Турција, како и текот на набавката на хеликоптери за кои се очекува набрзо да биде донесена конечна одлука.

-Испораката на лесните оклопни возила ќе продолжи и во 2024 година, а до 2025 и 2026 година се очекува да пристигне опремата која е предмет на договорите со Франција и Турција. Во меѓувреме ќе пристигнат и двата хеликоптери кои се на ремонт во Чешката Република, рече Петровска, а во следниот период тимот задолжен со анализата за набавка на нови хеликоптери ќе реферира за предлогот за набавка, подвлече Петровска.свс/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан