• недела, 22 декември 2024

СДСМ: „Рамо до рамо до победа“ во Чешиново-Облешево, Кавадарци, Карпош, Битола и Кичево

СДСМ: „Рамо до рамо до победа“ во Чешиново-Облешево, Кавадарци, Карпош, Битола и Кичево

19 јуни 2023 

Потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов, во рамките на теренските активности на СДСМ под мотото „Рамо до рамо до победа“ денеска, заедно со Весна Томовска, беа меѓу граѓаните на општината Чешиново Облешево.

-Полноправното членство во ЕУ е единствена опција за која не постои алтернатива, тоа е наша стратешка цел, тоа е иднината за македонските граѓани, токму затоа сите политички партии, мора да работиме заедно, заедно да ја обезбедиме европската иднина на државата, истакна Костадинов.

Потпретседателот на СДСМ додека дека додаде дека воспоставениот дијалог со ДПМНЕ и прифатените уставни измени се добра појдовна основа за разговор со кој може да се дојде до заедничко решение за одлуката којашто ќе осигура непречено продолжување на преговорите за членство во унијата.

Костадинов нагласи дека со тоа Македонија добива многу, а не губи ништо, македонскиот јазик, идентитет и посебност во ЕУ се заштитени и потврдени, што се реафирмираше и со неодамна усвоената Резолуција во германскиот парламент.

-Сега е време на одговорност и заедничка работа, не е време сами да си ставаме сопки, сега е време сите чинители да се свртат кон иднината и да изберат интеграција, наместо изолација, порача потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов од Чешиново Облешево.

Во општина Кавадарци со граѓаните беа претседателот на СДММ, Марко Михаилоски и Даниела Рендевска, кои се осврнаа на младинските политики на СДСМ за поголемо вклучување на младите во носењето одлуки, мерките за намалување на младинската невработеност, унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард со зголемување на постоечките и воведување нови стипендии за средношколците и студентите, воведувањето на субвенциониран студентски оброк.

Младите во нашата држава сакаат да ги имаат истите можности, како нивните врсници во државите членки на Европската унија, затоа ги повикуваме сите политички партии да дадат поддршка за продолжување на европскиот пат на државата, истакна претседателот на СДММ, Марко Михаилоски во Кавадарци.

Како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска денеска заедно со Методија Димовски беше меѓу граѓаните на општина Карпош.

-Одлуката на Бундестагот и усвојувањето на Резолуцијата за поддршка на европската интеграција и признавање на македонскиот идентитет, јазик, култура и посебност е исклучително важна. Тоа е потврда на државничките политики на СДСМ и вистинскиот пат по којшто чекориме. Но прашањето е зошто Мицкоски и ДПМНЕ не направиле ништо? Зошто не лобирале за оваа Резолуција? Или немаат никаков кредибилитет кај нивните сестрински партии? Оваа Резолуција, уште еднаш точно ја покажа разликата помеѓу СДСМ и ДПМНЕ, ние работиме и носиме резултати за признавање на македонскиот јазик, идентитет, култура а ДПМНЕ не прават ништо, рече потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на маалска средба во Карпош.

Потпретседателката додаде дека СДСМ на повеќе полиња дејствува во заштитата и промоцијата на македонскиот јазик, а како пример го наведе и новиот Закон за употреба на македонскиот јазик.

Во општина Битола беше Благој Бочварски кој пред присутните истакна дека конечно, после три децении зборување и ветувања, ќе се гради автопатот Прилеп – Битола.

- Битола е еден од најважните градови не само за овој регион, туку и за целата држава. Потпишавме договор, активностите се започнати, Битола конечно ќе се поврзе со автопат со Прилеп и со тоа ќе биде многу подобро поврзана со централниот дел од државата. Преку нов систем на градење, автопатското поврзување ќе биде завршено за помалку од пет години, што значи дека сегашните генерации ќе патуваат и побрзо и побезбедно до другите градови во државата, порача Бочварски.

Меѓу граѓаните на општина Кичево беа членот на ИО на СДСМ, Никола Рилак и Виктор Велевски кои пред присутните порачаа дека државата успешно се справи со сите последици од енергетската криза и дека надлежните институции веќе преземаат активности за претстојната грејна сезона да мине во најдобар ред.

 

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан