• понеделник, 23 декември 2024

СДСМ: Закон за финансиска поддршка на градот и ЈСП, субвенциии за гориво

СДСМ: Закон за финансиска поддршка на градот и ЈСП, субвенциии за гориво

Скопје, 21 ноември 2024

Почитувани,

Како што најавивме, денес сме тука за да ги презентираме нашите конкретни предлози за надминување на кризата во која се наоѓа Град Скопје.

Состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира, сведоци сме на преполни контејнери, смет насекаде, а основните услуги што ги заслужуваат граѓаните се целосно запоставени.

Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска да се вразумат и да престанат да се инаетат на грбот на скопјани.

Не е време за политички препукувања – време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје.

Советничката група на СДСМ и коалицијата демонстрира зрелост и лидерство во овие тешки моменти. Затоа, денес пред вас изнесуваме неколку разумни предлози за надминување на кризата во Скопје.

Ви ги претставуваме трите предлози што сметаме дека се клучни за надминување на кризата:

1. Измени и дополнување на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив.

(Овој закон беше донесен во 2018 година од нашата Влада, кога беа сервисирани долговите на општините, вклучително и долгот на Град Скопје од над 30 милиони денари).

- Предлагаме, Собранието на РСМ, по скратена постапка, да ги усвои овие измени за да се обезбеди финансиска стабилност на Град Скопје. Нашите пратеници ќе го поднесат овој предлог.

2. Владата на РСМ итно да донесе одлука за доделување субвенции-евро дизел гориво од државните резерви за нафта.

- Предлагаме Владата на РСМ да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на 2024 година.

Ова е мерка што мора да се реализира веднаш, за да се стави крај на агонијата со јавниот превоз.

3. Предлагаме, пратениците во Собранието на РСМ да иницираат свикување на Надзорна расправа во Собранието за состојбата во Град Скопје. Одржувањето на надзорната расправа би било примерот на претходните расправи, за прашања од јавен интерес. Собранието на РСМ, како суверен претставник на волјата на граѓаните има легитимно право да расправа за овие прашања.

Се работи за доброто на сите граѓани, а не за мешање на надлежностите.

Почитувани,

Предлозите за надминување на кризата се СДСМ и коалицијата се реални, остварливи и насочени кон доброто на граѓаните.

Ги повикуваме сите советници во Советот на Град Скопје да ги поддржат овие предлози и да покажат одговорност.

Потребно е обединување на сите политички субјекти за доброто на Скопје.

Скопје не смее повеќе да биде жртва на политички битки. ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска мора да ја преземат својата одговорност и да почнат да работат за доброто на граѓаните.

СДСМ и коалицијата покажуваат и докажуваат дека се коалиција која нуди решенија.

Нашата заложба е јасна: скопјани заслужуваат град кој функционира, град кој обезбедува основни услуги, град кој го штити достоинството на своите жители.

Нема да дозволиме да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град.

Повикуваме на разум, обединување и заедничка акција за доброто на Скопје.

Време е за решенија. Граѓаните на Скопје тоа го очекуваат од нас.

 

Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: СДСМ

Остани поврзан