СДСМ: Ги повикуваме на соработка сите демократски сили и пратеници да не остават траен печат со својот глас за нови кавги, уназадувања и меѓуетнички конфликти
- Доколку навистина има ново парламентарно мнозинство очекуваме тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада. Односно ќе видиме дали ќе се избере нова
Скопје, 5 ноември 2021 (МИА) - Доколку навистина има ново парламентарно мнозинство очекуваме тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада. Односно ќе видиме дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, порача вечерва СДСМ во соопштение по објавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ново парламентарно мнозинство со Беса, Левица, Алијасна за Албанците и Алтернатива.
-Народот виде како на иста маса седнале претставниците на анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Преспа и анти-демократските структури во земјава, учесниците во крвавите дејствија од 27 април, заедно со оние кои декларативно се залагаат за евро-атланскиот курс на земјата и тепани на истиот 27 април. Овој состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики и конфликт на вредности. Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт, истакнаа од СДСМ.
Евентуалното ново мнозинство, посочуваат, ќе треба да ја преземе одговорноста за справување со пандемијата и со енергетската криза, одговорноста за предизвиците кои следат со европските интеграции на земјата и усвојувањето на Буџетот за 2022 година, тоа е најодговорно во овој момент.
Деновиве, потенцираат, ќе видиме дали Мицкоски има капацитет и одговорност за овие чекори и одговорности.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, наведуваат оттаму, е на страната на граѓаните, на страна на националниот интерес и напредокот на државата. СДСМ нема да дозволи дестабилизација на земјата, поништување на Договорот од Преспа, нови кавги со соседите и поништување на сѐ што постигнавме заедно со граѓаните во изминатите четири години.
-Има подржувачи на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои вечерва најавуваат ново мнозинство. Има меѓу тие пратеници луѓе кои не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица која е отворено против НАТО. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција. Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување на вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како пратеници и луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти, истакна СДСМ во соопштение.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по објавување на новото парламентарното мнозинство, изјави дека доколку премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка ќе поднесат иницијатива за недоверба на Владата.
Очекувам, истакна, во периодов што следи да се обидеме да создадеме ново владино мнозинство. Како што рече, сите опции се во игра.
-Едната опција е да се формира ново мнозинство кое што ќе изгласа недоверба на Владата, доколку Заев тактизира со оставката, и втората е да одиме на брзи и предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски, кој најави детали за утре на прес-конференција.лв/фф/