• среда, 25 декември 2024

Свеченост по повод јубилејот - 45 години македонистика на „Ломоносов“

Свеченост по повод јубилејот - 45 години македонистика на „Ломоносов“
Скопје, 18 мај 2021 (МИА) - Македонскиот јазик, литература и култура веќе 45 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ – јубилеј којшто е исклучително значаен за македонистиката. По тој повод денеска ќе се одржи свечен настан преку платформата Зум, на кој ќе се обратат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски,  рускиот амбасадор во државава Сергеј Александрович Баздникин, Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорката на Северна Македонија во Руската Федерација, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Работниот дел, соопштуваат организаторите, ќе го отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следат излагања и сеќавања за работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при МГУ „М. В. Ломоносов“, и тоа од некогашни и сегашни лектори, како и од предавачи и професори коишто вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на универзитетот „М. В. Ломоносов“, а коишто како кадри пред сѐ излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков – Мисирков“ и Институтот за македонска литература при УКИМ.. Организаторите посочуваат дека во рамки на настанот, говорниците, одделно ќе се осврнат и на влогот на оние без коишто отпочнувањето со работа на лекторатот во Москва немаше да се случи – академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески. - Овој значаен јубилеј – 45 години македонистика на „Ломоносов“, којшто се одбележува во текот на годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, покажува дека мостот меѓу универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, како и меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден денес, но и дека обврзува и понатаму да се создаваат нови генерации македонисти и слависти од двете земји, соопштуваат од МСМЈЛК Одбележувањето на јубилејот следи по зимската школа организирана од МСМЈЛК, што се одржа на почетокот од оваа година, како и по извонредно организираната тркалезна маса на Рускиот центар, и двата при УКИМ. Со одбележувањето 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го продолжува и достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески. Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.фф/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан