• петок, 20 декември 2024

Свечена академија и културно-уметничка програма по повод 5 мај - Денот на македонскиот јазик во Тетово

Свечена академија и културно-уметничка програма по повод 5 мај - Денот на македонскиот јазик во Тетово

Тетово, 5 мај 2023 (МИА) - Во организација на литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово прв пат се одржа Свечена академија по повод 5 мај - Денот на македонскиот јазик. Со пригоден реферат за значењето на македонскиот јазик пред присутните се обрати Марина Даниловска, универзитетска професорка од Катедрата по македонски јазик при Универзитетот во Тетово.

Таа потсети дека прашањето за македонскиот книжевен јазик научно компетентно ќе го постави Крсте Петков Мисирков во неговата книга „За македонцките работи “, објавена во Софија во 1903 година.

-Во последната статија е разгледано прашањето дека за основа на македонскиот литературен јазик треба да се земат централните македонски говори.  По завршувањето на Втората светска војна започнува забрзано да се развива македонската литература. Со своите поетски записи, се јавуваат писателите: Ацо Шопов, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Анте Поповски, Гого Ивановски, Радован Павловски и многу други, а со своите прозни остварувања писателите: Јован Бошковски, Славко Јаневски, Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев, Јордан Леов, Владо Малевски, Димитар Солев и др. Се создадоа и сѐ уште се создаваат многу дела напишани на стандарден македонски јазик.  На крајот ќе потсетиме дека оваа 2023 година се одбележуваат и неколку значајни годишнини:  во 1903 година, или поточно пред 120 години, Крсте Петков Мисирков ја објави книгата „За македонцките работи“; оваа 2023 година се навршуваат и 115 години од раѓањето на Кочо Рацин и 80 години од неговата прерана смрт; се одбележуваат и 130 години од смртта на Григор Прличев и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, истакна во рефератот професорката Даниловска.

По повод Денот на македонскиот јазик осврт „Македонски јазик и писмо, свети знаци за македонската земја“ прочита роднокрајниот писател Јован Дамјановски.

-Одбележувањето на денот на македонскиот јазик е време длабока размисла за смислата за човековата неотпорност кон светоста на животот и опстојувањето. Засветува и некое кандилце на човековата македонска душа на луѓето под Балтепе и Шар Планина. Дијалектите се свежи врутоци на литературниот јазик. Тетовскиот дијалект за нас е рајски здив на младоста. Затоа не постои сила што ќе дозволи да исчезне од нашата меморија. Постојано сме ставени во положба и со дијалектите да се препознаваме во минатото, како што се очекува од нас во иднината. Народниот јазик не е некое славеничко враќање назад, туку тоа е зацврстување на нашиот национален идентитет, порача во својот говор писателот Јован Дамјановски.

Во културно-уметничкиот дел од програмата настапија детскиот хор „Лале“, Трио Шербет, поетите Славица Кировска, Ангела Андоновска, Милена Илиевска, учениците од тетовските училишта, изведена беше драмска пиеса и настапи КУД „Кирил Пејчиновиќ’. ас/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан