• понеделник, 23 декември 2024

Свечената академија по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Свечената академија по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Скопје, 27 септември 2022 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на Бошњаците - 28 Септември, вечерва во Домот на Армијата се одржа Свечената академија, во организација на Бошњачки национален совет на Република Северна Македонија, под покровителство на Бошњачки демократски сојуз. Во обраќањето на свеченоста премиерот Димитар Ковачевски истакна дека денес Бошњаците во земјава се интегрирани во сите институции и општествени процеси - културата, спортот, уметноста и развојот на бизнис климата, а во моментов се дел и од владината коалиција. - Граѓаните Бошњаци како рамноправен народ во Северна Македонија се вткаени во нашата заедничка, мултиетничка и мултикултурна држава и се дел од сите прогресивни процеси, низ кои што правиме пат на нашето заедничко подобро денес, во нашето заедничко уште подобро утре. Тоа не прави достоинствени граѓани, кои си ја сакаат својата држава низ дела, како дел од прогресивните сили во нашето општество, рече премиерот. Определбата на Владата, според Ковачевски, е да продолжи да ги унапредува правата на сите граѓани во државата, вклучувајќи ги и граѓаните од бошњачката етничка заедница. Тој напомена дека од исклучително значење е тоа што граѓаните Бошњаци без заддршка се вклучени во изградбата на успешниот модел „Едно општество за сите“ во нашата држава. - Северна Македонија и Босна и Херцеговина се пријателски земји, насочени кон мир на Балканот и евроатланска иднина. Во Собранието е утврдена Резолуција со која се осудува геноцидот во Сребреница. Да продолжиме заедно да го градиме успешниот концепт „Едно општество за сите“, бидејќи нашето заедништво е нашето традиционално богатство и нашата заедничка сила кон посакуваниот напредок како луѓе и како држава, додаде Ковачевски. Претседателот на Бошњачкиoт национален совет, Џевад Хот во своето обраќање на Свечената академија цитираше извадоци од делата на босанскиот писател, есеист, публицист Алија Исаковиќ. - Оваа 2022 година се одбележуваат 25 години од смртта на Алија Исаковиќ и затоа Бошњачкиoт национален совет поднесе барање до македонска Пошта за издавање на посебни јубилејни поштенски марки со ликот на Алија Исаковиќ. Се заблагодарувам на македонска Пошта и на сите оние кои учествуваа во тоа овие марки да излезат на виделина и ние денеска да ги користиме, рече Хот. Тој посочи дека Бошњачкиoт национален совет се залага за освестување на Бошњаците во Северна Македонија за својот идентитет, јазик и култура, а еден од проектите на кој работи е да се изгради Бошњачки културен центар. - Се надевам дека еден ден ќе имаме ваков Центар, и во тој Центар ќе го одбележуваме Меѓународниот ден на Бошњаците, додаде Хот. Претседателот на Бошњачки демократски сојуз, Мунир Колашинац во своето обраќање на Свечената академија рече дека низ годините наназад Бошњаците преживеале многу неправди, но сепак успеале да го сочуваат својот идентитет. Бројните неправди, како што рече тој, оставиле длабока рана во нивните срца, но сепак како народ собрале храброст да продолжат да чекорат кон патот на вистината и правдата. - Вечерва го одбележуваме Меѓународниот ден на Бошњаците - 28 Септември, денот кога Бошњаците одлучно и храбро за време на првото заседавање на бошњачкото Собрание, одржано на 28 септември 1993 година во Сараево, во тешки околности ја усвоија Декларацијата за враќање на историското и национално име Бошњак, наместо дотогаш користеното име Муслиман. Со тој чин, Бошњаците исправија една од големите неправди и покажаа дека не постои препрека поголема од желбата на еден народ да си биде свој, а не да се користи со наметнато име, рече Колашинац. Тој додаде дека Бошњачки демократски сојуз е прва политичка партија која самостојно настапила на локалните избори минатата година. - За првпат во историјата, Боњшаците имаа свој кандидат за градоначалник на Град Скопје. Покажавме дека и Бошњаците можат, треба и мора да бидат бирани, а не само да бираат, рече Колашинац. бт/сп/

Остани поврзан