• среда, 25 декември 2024

Светски познатата виолинистка Ирина Мурезану во Скопје со концертниот спектакл „Фузија“

Светски познатата виолинистка Ирина Мурезану во Скопје со концертниот спектакл „Фузија“
Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) - По спектакуларниот настап пред српската публика во легендарната сала „Коларац“ минатата сабота, концертниот спектакл „Фузија“ вечер ќе биде изведен во Скопје. На големата сцена на Македонската филхармонија ќе настапат два врвни камерни оркестри – „Профундис“ од Северна Македонија и „13 Гудачи“ од Србија, заедно со светски познатата виолинистка Ирина Мурезану, која за првпат ќе настапи во нашата земја. - Пресреќна сум што ја имам можноста да се запознаам со српската и македонската публика преку овие два спектакуларни концерти во Србија и Македонија. Навистина е голема честа кога се соработува со два врвни камерни оркестра и нивните диригенти и со нетрпение го очекувам настапот во Скопје оваа среда, рече Мурезану. Романската виолинистка Ирина Мурезану е и лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал Интернационал, Вашингтон Интернационал, Про Музицис Интернационал и наградата „Кралица Елизабета 2“. Таа свири на виолина во вредност од 450.000 евра. Како што најавија организаторите, премиерно пред македонската публика ќе се изведат комплексните и виртуозни дела од Б. Бритн – „Варијации на тема од Френк Бриџ“ и „Романска рапсодија” бр.1 од Ж. Енеску како и популарните „Четири годишни времиња” од А. Вивалди и А. Пјацола. - Можноста за уметникување и споделување на сцената со врвни уметници од САД и Србија, кои премиерно гостуваат и настапуваат во нашата земја, ни причинува огромно задоволство и предизвик. Верувам дека концертот ќе биде уникатен и оригинален настан кој со сигурност ќе ги задоволи вашите уметнички критериуми, рече Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на камерниот оркестар „Профундис“. Настанот ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија. Влезниците, по цена од 500 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс и на билетарата на Македонската филхармонија. Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во земјава, Националната опера и балет и Националната филхармонија. Името на ансамблот „13 Гудачи“ е инспирирано од златното доба на камерната музика во Србија, кога гудачкиот оркестар „Душан Сковран“ под раководство на професорот Александар Павловиќ броел 13 музичари. Уметнички директор на камерниот оркестар е познатиот виолончелист, диригент и професор на Факултетот за музичка уметност во Белград Срѓан Сретеновиќ, а членови на ансамблот се професори, студенти на Факултетот за музичка уметност, СО РТС. и други. Досега имаат реализирано бројни иновативни концерти со врвни светски уметници како Денис Шаповалов, Зоран Тодоровиќ, Сања Анастасија и многу други. Романската виолинистка Ирина Мурезану ги освои срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. „Бостон Глоуб“ ја пофали како „не само виртуоз, туку и уметник“, а „Лос Анџелес Тајмс“ напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават нејзината изведба особено восхитувачка“, додека магазинот „Страд“ ја нарече изведбата во Карнеги/Веил салата како „рецитал од прва класа“. нд/са/

Остани поврзан