• понеделник, 23 декември 2024

Светски ден на борба против беснило – АХВ апелира домашните миленици редовно и навремено да се вакцинираат

Светски ден на борба против беснило – АХВ апелира домашните миленици редовно и навремено да се вакцинираат

Скопје, 28 септември 2024 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и годинава се приклучува со поддршка на глобалната иницијатива за одбележување на 28 Септември - Светски ден на борба против беснилото, која годинава под мотото „Кршење на границите на беснилото“ се одбележува по 18-ти пат.

-Годинашното мото нагласува дека концептот „Едно здравје“ се однесува на секого од нас и не насочува да размислуваме надвор од рамката, да ги уништиме бариерите што стојат на патот на елиминација на беснилото. Тука спаѓаат јазлите во меѓународната соработка, недостигот од пристап до основните ресурси (вклучувајќи квалитетни вакцини) и ограниченото знаење на јавноста за болеста. Со годинашното мото, Глобалната алијанса за контрола на беснилото ги охрабрува засегнатите страни, организациите и луѓето од секоја сфера на животот да се обединат за да ја постигнат целта од нула смртни случаи од беснило до 2030 година #ZeroBy30, соопшти АХВ.

Посочува дека беснилото е прекугранична болест и бара прекугранична акција. 

-Заедно, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Светската организација за здравје на животните (WOAH), Светската здравствена организација (СЗО) и Форумот Обединети против беснило го користат пристапот за „Едно здравје“ за да ги здружат владите, производителите на вакцини, истражувачите, невладините организации и развојни партнери во борбата со болеста. Со соработка и здружување на силите низ секторите, ангажирање на заедниците и почитување на задолжителната вакцинација на кучињата, заедно како еден можеме да работиме кон првата цел за елиминирање на една болест за да го направиме концептот „Едно здравје“ достапен за сите - користејќи го беснилото како пример, наведува Агенцијата. 

Во соопштението АХВ додава дека како одговорна институција за заштита на здравјето и на луѓето и на животните во контекст на концептот „Едно здравје“, координирајќи ги активностите на здравствената заштита на животните и јавното здравје, континуирано презема активности за контрола и одржување позитивна епидемиолошка состојба кога е во прашање болеста беснило.

Агенцијата информира дека поради навреме преземените потребни мерки за контрола, во Северна Македонија е стабилна епидемиолошката состојба  во однос на оваа болест и дека беснило во земјава нема  од последните евидентирани случаи во 2012 година - кај мачка во радовишкото село Аргулица и кај волк во кочанското село Главовица. 

-Со стапка на смртност од речиси 100 проценти и кај луѓето и кај животните, беснилото останува глобална закана, убивајќи приближно 59 000 луѓе секоја година. Кучињата се главниот резервоар на болеста. Контролирањето и елиминирањето на смртоносната зооноза значи, според тоа, борба против неа од нејзиниот животински извор, наведува АХВ.

Апелира до сопствениците на домашни миленици да бидат одговорни сопственици кон нивните миленици, кон самите себе, кон своето семејство и непосредната околина со тоа што навремено и редовно ќе ги вакцинираат милениците во регистрираните ветеринарни друштва затоа што беснилото е премногу сериозна болест. 

-Вакцинирањето против беснило на кучињата и мачките е законска обврска. Започнува на возраст од четири месеци, а вакцината е целосно безопасна за миленикот. Ревакцинација се врши еднаш годишно, информира Агенцијата за храна и ветеринарство. хс/ цр/

Фото: принтскрин

 

Остани поврзан