• петок, 05 декември 2025

Светските шампиони од „Марбал“ на прием кај градоначалникот Георгиевски

Светските шампиони од „Марбал“ на прием кај градоначалникот Георгиевски

Скопје, 28 јули 2025 (МИА) - На прием кај градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски денеска беа младите танчери од балетското студио „Марбал“, кои неодамна се вратија од Атина, Грција, како светски шампиони на интернационалниот натпревар „WADF GREECE 2025“, под покровителство на Светската федерација за уметнички танц.

Како што информира Општина Илинден, тимот, составен од деца на возраст од осум до 12 години, се натпреваруваше во категоријата „show dance formation juniors“ и го освои првото место. Освен тоа, младите танчари постигнаа одлични резултати и во други соло категории, освојувајќи уште четири први места, две втори и две петти места.

Градоначалникот Георгиевски им честитал на децата и изразил голема гордост што токму младите таленти од Илинден се дел од светската ѕвезди во уметничкиот танц. Тој нагласил дека општина Илинден секогаш ќе стои зад младите надежни уметници и ќе ја продолжи својата поддршка за развој на детскиот и младинскиот потенцијал во сите области.

-Горд сум што нашите млади сограѓани ја претставуваат општина Илинден на светско ниво. Општината ќе продолжи активно да ги поддржува сите форми на културно и уметничко изразување, изјавил градоначалникот Георгиевски.

Општина Илинден соопшти дека останува посветена на развојот на културата и уметноста, вложувајќи континуирани напори за поттикнување и афирмација на младите таленти. мд/са/

Фото: Општина Илинден 

Остани поврзан