• среда, 25 декември 2024

Светскиот ден на лицата заболени со мултиплекс склероза одбележан со марш во Скопје

Светскиот ден на лицата заболени со мултиплекс склероза одбележан со марш во Скопје
Скопје, 30 мај 2022 (МИА) - Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“, по повод 30 мај - Светскиот дена на лицата заболени од мултиплекс склероза денеска под мотото „Различноста обединува“ одржа марш за подигнување на јавната свест за проблемите кои се соочуваат овие лица, за нивните специфични потреби за поквалитетен живот и нивна социјална инклузија. На настанот учествуваше скопската градоначалничка Данела Арсовска, која истакна дека Градот Скопје е поддржувач на многубројните активности на здружението „Мобилност“. - Градот Скопје се приклучува на активностите за подигнување на свеста и одбележување на Светскиот ден на мултиплекс склероза. Поддршката на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Скопје“ во насока на унапредување и подобрување на нивното секојдневно функционирање е еден од моите приоритети. Во контекст на денешното одбележување, нашите заложби се за обезбедување подобри услуги за овие лица и нивно поврзување во заедницата и општеството и отстранување на социјалните бариери, истакна Арсовска. Претседателот на „Мобилност Скопје“, Гоце Миновски, истакна дека целта на маршот за одбележување на овој важен ден за нив е да бидат што помасовно видени од јавноста. - Овој ден го одбележуваме веќе неколку години, ги одбележуваме на овој начин и мислам дека е подобро да бидеме видени од сите институции и од народот дека постоиме во оваа држава, изјави Миновски. Прашан за најважните барања кои би ги спомнале токму на овој ден, Миновски рече дека од секогаш ја барале пристапноста, како и подобрувањето на условите за ортопедските помагала. - Да, ние добивме ортопедски помагала, ама уште никаде во државава не постои никаков сервис за да можат да се сервисираат, потенцираше тој. Миновски додаде дека замена на инвалидска количка се врши по поминати пет години, додека има лица кои цело време ги користат инвалидските колички и тие не можат да ја издржат трајност од 5 години. Претседателот на „СОС Вита“, Ертан Шакири, во изјава за МИА, истакна дека бараат секој поединец да ги разбере лицата со посебни потреби. - Заедно ќе успееме се за лицата со посебни потреби, ќе успееме за посебни тротоари и посебни патеки за лицата со посебни потреби, рече Шакири и повика на единство за разбирање на овие лицата. И претседателот на организацијата „Дистрофија“, Ерхан Ќахил, исто така пристапноста ја претстави како најголем проблем. - Мислам дека во сите институции треба да има пристапност. И по болнициве треба да има пристапни тоалети. Исто така, мислам дека треба да има подобри лекови за мускулна дистрофија, за да се подобри животот на луѓето. А мислам дека е потребно да имаме и поголем стручен кадар од доктори што ќе се разбираат повеќе од оваа болест и ќе можат полесно и порано да ја откријат, за да може на некој начин да се спречи, подвлече Ќахил. Во однос на терапиите, тој рече дека имаат право на терапија само еднаш годишно, но тоа е многу малку за нив, затоа што им е потребна погелема физичка активност, додека приватните терапии се многу скапи за да можат редовно да се извршуваат. На маршот кој започна пред порта Македонија, и се движеше по десната лента на улицата „11 Октомври“, поминувајќи од пред Собранието државата се до финалната дестинација, Центарот за хуманитарни организации Даре Џамбаз, учествуваа и лица со параплегија и квадриплегија и лица со дистрофија. сх/сп/

Остани поврзан