• понеделник, 23 декември 2024

Светска банка: Eкономскиот раст во земјите од Западен Балкан во 2025 година предвиден умерено да забрза

Светска банка: Eкономскиот раст во земјите од Западен Балкан во 2025 година предвиден умерено да забрза

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) – Економскиот раст во земјите од Западен Балкан се предвидува умерено да се забрза во текот на 2025 година, главно под влијание на зголемената потрошувачка и инвестициите, потпомогнати со зголемената куповна моќ, се вели во Редовниот економски извештај на Светска банка за Западен Балкан.

Светска банка предвидува дека заедничкиот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во 2025 година ќе достигне 3,7 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе од предвидувањата дадени во пролетното издание на извештајот. Растот во 2024 година се очекува да достигне 3,3 отсто, што претставува зголемување за 0,1 процентен поен од претходните проекции.

-Домашните фактори и понатаму го поддржуваат умереното забрзување на растот во Западен Балкан. Дополнително, на среден рок, постепеното закрепнување на економската активност во Европската Унија се очекува да игра огромна улога во поттикнувањето на извозот од регионот, вели Изолина Роси, економистка во Светска банка и главен автор на извештајот.

И покрај позитивните изгледи, како што посочува, регионот и понатаму е ранлив од повеќе ризици, вклучувајќи ги слабиот раст на светско ниво, враќањето на инфлацијата, политичката несигурност и екстремните временски појави.

Посочува дека со зајакнувањето на економскиот раст во Западен Балкан, животниот стандард и понатаму се приближува до стандардот во понапредните економии во Европската Унија. Меѓутоа, задржувањето на моментот на раст и забрзувањето на темпото на приближување бараат структурни реформи, вклучувајќи ги и оние наведени во Планот за раст на Европската Унија. 

-Економската интеграција е клучен двигател на растот за малите економии како што се оние во Западен Балкан, вели директорката за регионот при Светска банка, Шиаочин Ју. 

За да го поттикнат овој раст, земјите треба да ја подобрат регионалната трговија и трговијата со Европската Унија, да го намалат времето на чекање на границите и да ги интегрираат платежните системи. Исто така, справувањето со демографските предизвици и со предизвиците на пазарот на труд бара силен фокус врз развојот на човечкиот капитал. Подобрување на образовните и здравствените системи е од суштинско значење, за напредок  од земја со средни приходи во земја со високи приходи.

Речиси еден од четири жители од Западен Балкан живее во странство, и затоа подоброто управување со глобалната работна сила во Западен Балкан би можело да биде клучен двигател на економскиот раст во регионот. Иако отселувањето може да доведе до други предизвици, како што е недостигот на работна сила, постојат и јасни можности за искористување на миграцијата за добивање на економски придобивки.

Според извештајот, со ефикасно управување, миграцијата може да помогне во ублажување на сиромаштијата, стимулирање на извозот и привлекување на инвестиции, што во крајна линија ќе доведе до отворање на работни места и пренос на знаења. На пример, дознаките може да ги подобрат финансиските ресурси на мигрантските домаќинства. Исто така, враќањето на обучените мигранти може да доведе до „прилив на мозоци“ во нивните домашни земји, додека привлечноста на повисоките плати во странство може да го мотивира образованието и подобрувањето на вештините кај оние што ќе останат.

За да се максимизираат придобивките од миграцијата, во извештајот се препорачува повеќе мерки за Западен Балкан, како развивање програми за обука за вештини и мобилност во партнерство со одредишните земји и проширување на билатералните договори за социјално осигурување.

Во извештајот се препорачува и подобрување на заштитата на мигрантите низ нивниот пат на миграција заради ублажување на ризиците со кои може да се соочат и заради поттикнување на враќањето, олеснување на преносот на капитал, стручност и најсовремени технологии од членовите на дијаспората, како и користење на дигитални алатки и подобрување на прибирањето податоци за ефективно управување и креирање политики за миграциите. дма/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан