• сабота, 16 ноември 2024

Светската програма за храна планира да обезбеди помош во храна за дополнителни 600.000 Палестинци

Светската програма за храна планира да обезбеди помош во храна за дополнителни 600.000 Палестинци

Рим, 10 октомври 2023 (MIA) - Светската програма за храна (WFP) денеска соопшти дека сака да обезбеди помош во храна за дополнителни 600.000 Палестинци во Појасот Газа и Западниот Брег.

Агенцијата на ОН со седиште во Рим веќе им помага на речиси 200.000 луѓе на палестинските територии, но сака да започне итна операција за да обезбеди помош во храна за вкупно 800.000 луѓе, изјави портпаролот на оваа организација.

WFP бара 17,3 милиони долари за решавање на „критичната ситуација“ во следните четири недели, каде што луѓето „се соочуваат со тешки околности, немаат пристап до храна, вода и основни резерви“, се вели во соопштението на агенцијата.

WFP и Светската здравствена организација (СЗО), исто така, повикаа на создавање хуманитарен коридор за давање помош и хуманитарна помош за Газа, која е под израелска опсада.

WFP соопшти дека вчера дистрибуирала готова храна за 73.000 луѓе заедно со Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (UNRVA).

Покрај тоа, WFP почна да префрла готовина на 164.000 луѓе во Газа и на Западниот Брег, во форма на ваучери што може да се заменат за храна во локалните продавници. ссм/

фото: архива

Остани поврзан