Светниколскиот градоначалник на средба со наставникот Иле Михајловски, кој е меѓу финалистите за најдобар наставник во светот
- Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев денеска имаше средба со наставникот Иле Михајловски ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе, кој во средата е прогласен за Топ 50 финалистите на најдобри наставници во светот.

Свети Николе, 17 јануари 2025 (МИА) – Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев денеска имаше средба со наставникот Иле Михајловски ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе, кој во средата е прогласен за Топ 50 финалистите на најдобри наставници во светот.
Владев истакна дека Свети Николе отсекогаш било тло на квалитетни луѓе од различни области за кои слушнале Европа и светот, а на кои какошто вели сите ние сме горди и благодарни.
-Особено сум горд и голема чест е за нашето Свети Николе, но и на нашата држава достигнувањето на наставникот Иле Михајловски, кој е номиниран на светската манифестација „Global Teacher Prize“ , а организирана од Varkey фондацијата и со поддршка на УНЕСКО и GEMSEducation која веќе деветта година по ред го одржува овој настан, оваа година влезе во Топ 50 финалисти во повеќе од 5.000 номинирани наставници од 89 земји од светот, вели Владев.
Посочува дека со самото тоа, Иле Михајловски се уште е во трка во изборот на Топ 10 наставници, а кој ќе биде објавен до крајот на месец јануари, а победникот кој добива еден милион долари ќе биде прогласен во почетокот на месец февруари.
-Иле Михајловски ќе биде присутен на главната свеченост која ќе се одржи во Дубаи од 10 до 13 февруари. Јас како градоначалник на општина Свети Николе безрезервно ја давам поддршката на нашиот наставник Иле Михајловски кој со своите постигнувања го стави нашето Свети Николе , но и нашата држава на светската мапа, изјави Владев.
Тој ги повика сите граѓани максимално да му дадат поддршка на Иле Михајловски, затоа што со своите постигнувања и неговото работење, тој со својата работа дава поддршка како на учениците, така и на сите нас жители на Свети Николе, но и на целата држава. вдј/дма/
Фото: Општина Свети Николе