• сабота, 23 ноември 2024

СБ го корегира на 2,4 проценти растот на македонската економија за 2023 година

СБ го корегира на 2,4 проценти растот на македонската економија за 2023 година

Скопје, 12 јануари 2023 (МИА) – Светска банка  во најновиот Извештај за глобалните економски перспективи прогнозира раст на македонската економија од 2,4 проценти годинава, што е за 0,7 процентни поени помалку во однос на објавената проекција во јуни лани.

Проекцијата на Владата за економскиот раст на државава за годинава е 2,9 проценти.

СБ има надолна ревизија и на проекцијата за македонскиот БДП за 2024 година за кога прогнозира дека  ќе изнесува 2,7 проценти, односно надолната корекција е 0,5 процентни поени. Анализите на СБ покажуваат дека Северна Македонија ја заврши 2022 година со раст од 2,1 процент.

Од државите во регионот, СБ проектира раст од 0,8 проценти во Хрватска, од 1,7 проценти во Бугарија, од 2,2 проценти во Албанија и од 2,3 проценти во Србија, додека поголем раст од нашиот ќе имаат економиите на Босна и Херцеговина од 2,5, на Црна Гора 3,4 проценти и на Косово од 3,7 проценти.

Како што стои во извештајот на Светска банка, во Западен Балкан се предвидува  раст од 2,5 проценти во 2023 година,  наспроти првично пректираниот од 3,1 проценти.

Се посочува дека реформите за пристапувањето во ЕУ и инвестициите ги ублажуваат негативните ефекти од високите цени на енергијата и храната,  како и нарушувањата на трговските и инвестициските текови и прелевањата од забавувањето во еврозоната. Сепак СБ посочува дека постои значителна политичка несигурност од парламентарни стопирања што би овозможиле доцнење во спроведувањето на реформите и со тоа спречување на ефикасна апсорпција на поврзаните средства за Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. лв/аа/

Остани поврзан