Сафади: Јордан е против присилно раселување на Палестинците
- Шефот на јорданската дипломатија Ајман Сафади денеска изјави дека Аман не прифаќа „присилното раселување“ на Палестинците
Аман, 26 јануари 2025 (МИА) – Шефот на јорданската дипломатија Ајман Сафади денеска изјави дека Аман не прифаќа „присилното раселување“ на Палестинците.
- Нашето отфрлање на присилното раселување на Палестинците е категорично и нема да се промени. Јордан е за Јорданците, а Палестина е за Палестинците, наведе Сафади.
Неговата изјава уследи откако претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека сака Египет и Јордан да ги примат Палестинците од Појасот Газа.
- Сакам да преземете уште бегалци, бидејќи како што гледам целиот Појас Газа е хаос, вистински хаос. Речиси се е уништено, а луѓето таму умираат. Јас повеќе би сакал да соработувам со некои арапски земји и да изградам сместување на друго место каде што можеби би можеле да живеат во мир, барем еднаш, посочи Трамп, тврдејќи дека за тоа телефонски разговарал со јорданскиот крал Абдулах.
Тој додаде дека за предлогот ќе разговара и со претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси, истакнувајќи оти мерката може да биде долгорочна или привремена, додека не се обнови опустошената енклава.
Трамп не даде повеќе детали за предлогот, а темата не беше спомната во официјалниот извештај на Белата куќа. ми/
фото: ЕПА