Сараево и Дубровник ќе се поврзат со 350 километри велосипедска рута
- Сараево и Дубровник наскоро ќе бидат поврзани со велосипедска рута долга 350 километри, која ќе поминува низ најубавите предели на Босна и Херцеговина и јужна Хрватска. Оваа иницијатива има за цел да отвори нови можности за туризам во двете земји.

Сплит, 16 декември 2024 (МИА) - Сараево и Дубровник наскоро ќе бидат поврзани со велосипедска рута долга 350 километри, која ќе поминува низ најубавите предели на Босна и Херцеговина и јужна Хрватска.
Оваа иницијатива има за цел да отвори нови можности за туризам во двете земји.
Проектот е резултат на соработка помеѓу организациите „ХерцеговинаБајк“ и „Визит Коњиц“, со поддршка од Делегацијата на ЕУ во БиХ.
Планирано е рутата да поминува низ планините Бјелашница и Рушањ, езерото Борачко кај Коњиц и Мостар, каде што ќе се приклучи на веќе постоечкиот пат Чиро, стара теснолиниска железничка линија што води до Дубровник.
Долгорочна цел е поврзување на сите велосипедски патеки во БиХ, со цел земјата да стане дел од Eurovelo, мрежа на велосипедски патеки на долги растојанија кои го поврзуваат и обединуваат целиот европски континент. ссм/
фото: пиксабеј