• вторник, 31 март 2026

Санчез за конфликтот во Иран: Шпанците се на вистинската страна од историјата

Санчез за конфликтот во Иран: Шпанците се на вистинската страна од историјата

Мадрид, 30 март 2026 (МИА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез во писмо до членовите на Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) изјави дека со нивниот став „без војна“ тие се на вистинската страна од историјата и дека се „референтна точка“ за прогресивците од целиот свет и за сите што веруваат во мир.

„Од самиот почеток ставот на Шпанија беше јасен - без војна затоа што тие зборови опфаќаат сè: сеќавање, достоинство и посветеност на една нација“, нагласи тој потсетувајќи дека Шпанија зазеде јасен став против војната од самиот почеток, објавија синоќа шпанските медиуми.

Тој го спореди сегашниот став со политиката што ја застапуваше поранешниот премиер Хозе Марија Азнар за време на војната во Ирак во 2003 година оценувајќи дека поддршката за конфликтот во тоа време „ја стави земјата на погрешната страна од историјата“.

„Научив што се случува кога една влада... му го свртува грбот на својот народ и се поклонува пред интересите на странска сила. Кога ја презира вистината и ја става земјата на погрешната страна од историјата. Но, пред сè, научив што се случува кога целиот народ се крева со храброст и достоинство. Кога милиони луѓе ги исполнуваат улиците за да кажат „не во мое име“, нагласи Санчез.

Шпанскиот премиер исто така нагласи дека неговата влада се залага за мир, што „не е слоган, туку убедување“.

„Тоа не е луксуз, туку неопходност. Тоа не е молба, туку барање“, рече тој додавајќи дека затоа, кога социјалистите се на власт, тие дејствуваат во согласност со тоа. Тој исто така потсети на нивната поддршка за Украина и Палестина во сегашните конфликти нагласувајќи дека „е потребно да се заврши оваа војна“.

„Социјализмот не е навикнување на неправда и никогаш помирување со насилство“, нагласи шпанскиот премиер. мс/јт/

фото: ЕПА

Остани поврзан