• сабота, 23 ноември 2024

Самостојна изложба „Еве го човекот“ од Стефан Младеновски во Крива Паланка

Самостојна изложба „Еве го човекот“ од Стефан Младеновски во Крива Паланка

Крива Паланка, 30 август 2024 (МИА) - Годинашното издание на алтернативниот мултимедијален фестивал "ГИГА Фест" вечерва ќе биде затворено со самостојната изложба "Еве го човекот" на младиот академски уметник од градот, Стефан Младеновски.

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот, во уметничката галерија на Локална установа Градски музеј, Крива Паланка.

Поставката содржи 50 дела на хартија, создадени во последните две години, а  претставуваат заокружување на еден тематски циклус на авторот.

Настанот ќе биде придружен со музичкиот перформанс на Ади Имери и Александар Бошков, едни од најзначајните македонски гитаристи, кои оставаат длабок печат на македонската музичка сцена.

Стефан Младеновски е роден во Крива Паланка, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на професорот Зоран Јакимовски, а подоцна и магистрира графика. 

Иако е графичар, во последно време сѐ повеќе е посветен на цртежот и е меѓу ретките кои успешно го афирмираат овој ликовен израз, подзаборавен во современата македонска уметност.

Младеновски е добитник на три национални награди за графика, досега реализирал осум самостојни и над триесет групни изложби во земјава и странство. Од 2020 година е член на ДЛУМ и важи за перспективен, атрактивен и талентиран автор од помладата генерација графичари во државата. ид/

Фото: Плакат

Остани поврзан