• сабота, 23 ноември 2024

Салвини ги обвини мигрантите за новите жаришта на коронавирусот во Италија

Салвини ги обвини мигрантите за новите жаришта на коронавирусот во Италија
Рим, 23 јули 2020 (МИА) – Лидерот на италијанската десничарска партија Лига, Матео Салвини, за време на неговата посета на најјужниот италијански остров Лампедуза, изјави дека мигрантите се виновни за новите жаришта на Ковид 19. Во центарот за мигранти на Лампедуза, кој е направен да прими најмногу 200 лица, во моментов има околу 900 мигранти, а Салвини дојде до влезот на центарот и рече дека внатре има „здрави и силни мажи, околу дваесет деца и не повеќе од 40 жени“. Тој додаде дека тоа не се бродоломци, туку оти се работи за шверцување на луѓе. Салвини ја обвини италијанската Влада дека нејзиниот став кон мигрантите е „двојно криминален“ и оти за една година бројот на мигранти кои пристигнуваат на италијанскиот брег се зголемил за четири пати. Мигрантите како „главни виновници“, се честа тема на десничарскиот лидер Матео Салвини, коментираат светските агенции. За кусо време кога беше министер за внатрешни работи во претходната Влада, тој нареди италијанските пристаништа да бидат затворени за мигрантите. Лампедуза е италијански остров кој е најблизу до африканскиот континент, само 120 километри, и е најчестата цел на мигрантите кои се обидуваат да дојдат во Европа од Африка со бродови и чамци. Пристигнувањата се особено чести кога е убаво времето, како што е деновиве, информираат италијанските медиуми. јт/

Остани поврзан