• петок, 22 ноември 2024

Саем на занаетчии на тетовската улица „Радован Цониќ“, која во иднина ќе биде и дневна пешачка зона

Саем на занаетчии на тетовската улица „Радован Цониќ“, која во иднина ќе биде и дневна пешачка зона

Тетово, 21 ноември 2024 (МИА) – Дел од улицата „Радован Цониќ“ во Тетово позната како „Улица на бутиците“, од зад Основен суд до Музеј на тетовски крај (Меморијален музеј на народен херој Ѓоце Стојчевски-Амбарче) во Горна Чаршија, која е во фаза на реконструкција во иднина ќе биде пешачка зона и нема да се дозволува сообраќај во текот на денот, најави градоначалникот Биљал Касами на денешната промотивна активност. 

Дел од улицата веќе е реконструирана, па наместо бетонски плочки е поставена калдрма, канделабри, како и нови клупи за седење, жардиниери посадени се нови дрвја и слично.

-Овде ќе биде блокирано во текот на денот и ќе биде промовирање на првата улица, односно концепт каде ќе во текот на денот ќе биде дозволено само за пешаците. Во ноќните часови сигурно дека луѓето од куќите кои се во оваа улица ќе имаат пристап до нивните домови, изјави Биљал Касами.

Реконструкцијата на улицата е дел од проект за кој Општина Тетово заедно со Општина Призрен од Косово има добиено средства за прекугранична соработка од Европската Унија. Освен инфраструктурната интервенција на улицата, во рамки на проектот ќе се прават активности насочени за оживување на занаетчиството и градење култура за развој на заеднички туризам. Затоа денеска таму се одржа промотивна активност Саемот на занаетчиство и развој на туризмот.

-Се работи за занаетчии од два града, значи Тетово и Призрен за кои е реализиран овој проект. Поважно од тоа е враќањето на идентитетот на оваа улица и тоа го покажува нашиот интерес и определба во иднина да работиме повеќе, да ги вратиме нашите елементи од минатото кои беа идентитетот на нашиот град. Во последните 30 години со неконтролираното градење во Тетово се изгуби тоа што ни беше знак на запознавање за Тетово, рече Касами.

Тој најави дека двете општини понатаму ќе се пријават и за друг проект кој се однесува на поврзување на двата града. ас/мд/ 

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан