• среда, 27 ноември 2024

САД ќе испратат 375 милиони долари воена помош за Украина, вклучително и касетни бомби

САД ќе испратат 375 милиони долари воена помош за Украина, вклучително и касетни бомби

Вашингтон, 24 септември 2024 (МИА) - Соединетите држави ќе и испратат на Украина неодреден број касетни бомби со среден дострел, како и проектили, артилерија и оклопни возила како дел од пакетот воена помош во вкупна вредност од околу 375 милиони долари, објавија денеска американски официјални лица.

Новиот пакет помош вклучува бомби воздух-земја со касетна муниција што може да се пука од украински воени авиони, како и муниција за HIMARS, Javelin и други противоклопни системи, возила отпорни на мини и друга воена опрема.

Обезбеден преку претседателско овластување, новиот пакет оружје е еден од најголемите одобрени и доаѓа од залихите на Пентагон за да се забрза испораката на оружје во Украина.

Финансирањето за помош во Украина во вредност од речиси шест милијарди долари би можело да истече на крајот на месецот, освен ако Конгресот не преземе мерки да ги прошири овластувањата на Пентагон да испраќа оружје од своите резерви.

Партиските лидери во Конгресот изјавија дека постигнале договор во неделата за нацрт-законот за краткорочни трошоци, но не е јасно дали привремената мерка ќе го вклучи овластувањето на Пентагон да испраќа оружје во Украина.

Вклучувајќи го овој најнов пакет, САД обезбедија повеќе од 56,2 милијарди долари воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан