• вторник, 24 декември 2024

САД, Јапонија и Австралија почнуваат заеднички систем за противвоздушна одбрана, соопшти Бајден

САД, Јапонија и Австралија почнуваат заеднички систем за противвоздушна одбрана, соопшти Бајден

Вашингтон, 10 април 2024 (МИА) - САД, Јапонија и Австралија почнуваат заеднички систем за противвоздушна одбрана. Ова го соопшти американскиот претседател Џо Бајден за време на средбата во Белата куќа со јапонскиот премиер Фумио Кишида, пренесоа светските агенции.

Посетата е фокусирана на зајакнување на врските меѓу овие земји пред Кина.

„За прв пат Јапонија, САД и Австралија ќе создадат мрежа од ракети за противвоздушна одбрана и одбранбена архитектура“, рече Бајден на заедничката прес-конференција со Кишида.

Претседателот исто така рече дека Јапонец ќе биде првиот неамериканец кој ќе стапне на Месечината.

„Двајца јапонски астронаути ќе учествуваат во идните американски мисии, а еден од нив ќе биде првиот неамериканец кој ќе стапне на Месечината“, рече Бајден.

Јапонскиот премиер Кишида од своја страна повика на мир и стабилност по прашањето на Тајван во контекст на тензиите со Кина.

„Ја истакнавме важноста на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и ја потврдивме нашата позиција за промовирање мирно решение за прашањата меѓу двете страни на теснецот“, рече Кишида.

Тој појасни дека со Бајден разговарал за различни прашања, вклучувајќи ги Кина, Северна Кореја и плановите за зајакнување на одбранбените сили на Јапонија.

„Се согласивме дека нашите две земји ќе продолжат да одговараат на предизвиците во врска со Кина преку тесна соработка. Во исто време, го потврдуваме продолжувањето на нашиот дијалог со Кина и соработката со Кина за заедничките предизвици“, рече Кишида. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан