• петок, 05 декември 2025

САД регистрира најголема епидемија на мали сипаници од 1992 година, три смртни случаи

САД регистрира најголема епидемија на мали сипаници од 1992 година, три смртни случаи

Вашингтон, 8 јули 2025 (МИА) - САД регистрирале 1.277 случаи на мали сипаници од почетокот на 2025 година, што ја прави најлошата епидемија во повеќе од три децении, според Универзитетот Џонс Хопкинс.

Според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), поголемиот дел од заразените се невакцинирани, при што само осум проценти од потврдените случаи се јавуваат кај луѓе кои примиле една или две дози од ММР вакцината, според Си-Ен-Ен.

Досега се хоспитализирани најмалку 155 лица, а три лица починале, што е прв смртен случај од мали сипаници во САД за една деценија.

Најголем број случаи се пријавени во државите Ново Мексико, Оклахома и Тексас, но епидемијата се шири и во други делови од земјата.

ЦДЦ предупредува дека децата под петгодишна возраст се најмногу изложени на ризик, сочинувајќи 28 проценти од сите случаи.

Здравствените власти ги повикаа сите летни кампови да го проверат статусот на вакцинација на учесниците, бидејќи присуството на голем број деца на едно место го зголемува ризикот од ширење на болеста.

-Камповите треба да добијат доказ за вакцинација, да ги прегледаат децата по пристигнувањето и да подготват соби за изолација во случај да се развијат симптоми, се наведува во најновите упатства на ЦДЦ.

ММР вакцината (мали сипаници, заушки и рубеола) се смета за безбедна и многу ефикасна, при што една доза обезбедува 93 проценти заштита од мали сипаници, додека две дози обезбедуваат 97 проценти заштита.

И покрај достапноста на вакцината, како што објаснува Си-Ен-Ен, САД не успеаја четврта година по ред да ја достигнат стапката на вакцинација од 95 проценти кај децата од предучилишна возраст, прагот што Министерството за здравство и човечки услуги на САД вели дека е потребен за да се спречат широко распространети епидемии.

Експертите предупредуваат дека малите сипаници не се „бенигна детска болест“, како што се обидуваат да го прикажат некои движења против вакцинација, туку дека вирусот може да предизвика сериозни компликации, вклучувајќи пневмонија, воспаление на мозокот (енцефалитис) и губење на слухот, додавајќи дека малите сипаници остануваат една од најзаразните болести во светот. мс/

фото: Unsplash

Остани поврзан