• недела, 22 декември 2024

САД и ЕУ сакаат да изградат заеднички став за регулација на високата технологија

САД и ЕУ сакаат да изградат заеднички став за регулација на високата технологија
Брисел, 9 септември 2021 (МИА) - Високи претставници од ЕУ и САД, подоцна овој месец, ќе се обидат да ги усогласат своите стратегии за регулирање на високата технологија и одбрана на демократските вредности на Интернет, се наведува во денешното соопштение. Формирањето Совет за висока технологија ЕУ-САД беше договорено на самитот во јуни, а тој почнува со работа во моменти кога двете страни подготвуваат закони што можат длабоко да го променат начинот на работење на гиганти како Гугл, Фејсбук или Епл. САД речиси сигурно ќе извршат притисок врз Европа да помогне да се спречат зголемените амбиции на Кина, јавува Радио Слободна Европа. Првиот трансатлантски Совет за трговија и технологија ќе се одржи во Питсбург, американскиот технолошки центар, на 29 септември. Со него ќе претседаваат американскиот државен секретар Ентони Блинкен, американската претставничка за трговија Кетрин Таи и секретарката за трговија Џина Рајмондо. Европската страна ќе ја предводи извршната потпретседателка на ЕУ, Маргрет Вестагер Валдис Домбровскис. „Овој воведен состанок ... ја означува нашата заедничка определба за проширување и продлабочување на трансатлантската трговија и инвестиции, како и ажурирање на правилата за економијата на 21 век“, се вели во заедничкото соопштение. Во соопштението се наведува дека 10 работни групи ќе учествуваат на состанокот на теми што вклучуваат соработка на технолошки стандарди, безбедност на синџирот на снабдување и кршење на човековите права на Интернет. ссм/

Остани поврзан