• среда, 27 ноември 2024

САД го одобрија првиот тест за проценка на ризикот од зависност од опиоиди

САД го одобрија првиот тест за проценка на ризикот од зависност од опиоиди

Вашингтон, 20 декември 2023 (МИА) - Американската агенција за храна и лекови (ФДА) соопшти дека го одобрила првиот тест за проценка дали постои ризик од зависност од употреба на опиоиди кај одредени поединци.

Како што пренесуваат странските агенции, тестот наречен АвертД (AvertD) е развиен од фармацевтската компанија СОЛВД и е наменет за употреба пред првата употреба на орални опиоидни лекови, како што се лекови против болки, кај лица кои ги земале помеѓу четири и 30 дена, како на пример пациенти кои треба да бидат подложени на хируршка процедура.

Тоа е генетски лабораториски тест кој се издава само на рецепт за пациенти на возраст над 18 години кои претходно не користеле орални опиоидни лекови против болки.

Тестот вклучува земање брис од образот на пациентот за да се собере примерок од ДНК кој потоа се користи за да се утврди дали постои комбинација на генетски варијанти кои може да се поврзат со зголемен ризик од развој на нарушување на употребата на опиоиди.

АвертД не е наменет за употреба кај пациенти кои се лекуваат од хронична болка, соопшти ФДА.

ФДА одлучи да го преземе овој чекор по епидемијата на злоупотреба на опиоиди низ САД, од чии последици починаа повеќе од половина милион луѓе во последните 20 години. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан