• понеделник, 23 декември 2024

Руски економист и опозиционер назначен за декан на Лондонската бизнис школа

Руски економист и опозиционер назначен за декан на Лондонската бизнис школа

Вашингтон, 26 јануари 2023 (МИА) - Административниот совет на Лондонската бизнис школа го назначи за декан рускиот економист Сергеј Гуриев, се вели во денешното соопштение на оваа престижна високообразовна институција.

Претседателот на советот Дејвид Пајот изјави дека школата „барала нов декан низ целиот свет“ и изрази увереност во тоа дека Гуриев, со оглед на неговото искуство и „истакнати квалификации“, ќе ја одреди иднината на ЛБС.

Гуриев во минатото ја предводел Руската економска школа во Москва и беше еден од водечките интелектуалци кои застапуваа модернизација на руската економија.

Тој беше принуден да ја напушти Русија пред десет години откако јавно ги поддржа критиките на претседателот Владимир Путин, истакнуваат во ЛБС.

Лондонската бизнис школа е основана во 1964 година и е постојано меѓу првите во рејтинзите на меѓународните високообразовни институции.

Од 2022 година Гуриев е проректор на парискиот Институт за политички истражувања (Sciences Po).

-Јас сум вознемирен, горд и поласкан, изјави Гуриев за неговото назначување. – Се восхитувам од оваа институција. Жешко ја подржувам нејзината мисија и вредностите на школата и со нетрпение чекам заедничка работа со истакнатиот тим и дипломците на ЛБС.

Гуриев беше принуден да замине од Русија во 2013 година поради прогоните на власта против него откако тој се вклучи како експерт во вториот судски случај против нафтената компанија Јукос, и поддршката за нејзините први луѓе Михаил Ходоркосвки и Платон Лебедев.

Од 2015 до 2019 година тој работеше како главен економист на Европската банка за реконструкција и развој. По префрлањето во Sciences Po тој доби француско државјанство.

Лани во март, руското Министерство за правда го прогласи Гуриев за „странски агент“ затоа што коментирал против војната во Украина и поради „учество во распространување“ материјали на странски агенти. Во ноември, државната Дума побара од Генералното обвинителство да спроведе истрага за „државно предавство“ на Гуриев поради вклученост во подготовката на санкциите против Русија. кб/

Остани поврзан