• понеделник, 23 декември 2024

Русија и Кина планираат да постават нуклеарен реактор на Месечината

Русија и Кина планираат да постават нуклеарен реактор на Месечината

Москва, 9 мај 2024 (МИА) - Русија започна со развој на нуклеарна централа за планираната заедничка лунарна станица со Кина, изјави Јуриј Борисов, шеф на руската вселенска агенција Роскосмос.

Борисов, поранешен заменик-министер за одбрана, во март изјави дека Москва ја разгледува идејата за напојување на електраната со нуклеарна енергија.

„Русија и Кина ја разгледуваат можноста за поставување нуклеарен реактор на Месечината во периодот од 2033 до 2035 година, што еден ден ќе овозможи изградба на лунарна населба“, изјави тогаш Борисов.

„Сериозно го разгледуваме проектот за испорака и инсталирање енергетски реактор на површината на Месечината заедно со кинеските колеги“, изјави Борисов.

Во Русија моментално се активни 11 нуклеарни централи, додека во Кина се активни 55 нуклеарни реактори.

Борисов во март рече дека соларните панели нема да можат да произведат доволно електрична енергија за напојување на идните населби на Месечината, додека нуклеарната енергија би можела.

Тој додаде дека тоа е голем предизвик и треба да се направи без човечко присуство. Борисов потврди и дека Русија планира да изгради товарен вселенски брод на нуклеарен погон. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан