• сабота, 23 ноември 2024

Мајхошев за МИА: Работниците не ги знаат доволно своите права, има чести измени на Законот за работни односи

Мајхошев за МИА: Работниците не ги знаат доволно своите права, има чести измени на Законот за работни односи

Штип, 30 април 2024 (МИА) - Работничките права се кршат, не се почитуваат докрај. Работниците не ги знаат доволно своите права од причина што често се менува Законот за работни односи и тука е улогата на синдикатот. Синдикалното движење на некој начин е ослабнато, синдикатите не се само еден вид на поддржувачи, туку и контролори на тоа како се почитуваат законите во сферата на трудовата легислатива, вели за МИА Андон Мајхошев, универзитетски професор по трудово право на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Во видео разговор снимен во прес-центарот на МИА во Штип во пресрет на Меѓународниот ден на трудот, Мајхошев вели дека работничките права се кршат во приватниот сектор, но и во јавниот сектор каде државата се јавува како работодавач, иако, како што вели, многу помалку. 

- Се кршат и не се почитуваат докрај, особено се кршат и не се почитуваат во сферата на реалниот сектор, во сферата на приватниот сектор. Тука секојдневно додека бев претседател на синдикат, а сега ги следам од една друга моја позиција, како професор, кој ги следи и истражува ваквите состојби, нормално постои овој процес, овие проблеми. Не се почитуваат докрај правата од работен однос и мислам дека е потребно тука синдикатите да зајакнат повеќе и да бидат поборбени во смисла на заштита на правата од работен однос, вели Мајхошев.

Универзитетскиот професор по трудово право забележува дека македонските работници без разлика дали се во реалниот или јавниот сектор не ги знаат доволно своите работнички права, од причина што често има измени на Законот за работни односи.

- И ние што ги следиме перманентно законите понекогаш не затекнуваат. Имаме ситуаиција во која за еден месец одреден закон се менува двапати. Ние ги следиме таквите процеси, па наидуваме на одредени проблеми, а не пак вработените во јавниот и во приватниот сектор, кои ја немаат таа можност и немаат професионална обврска да ги следат тие процеси. Значи не можат и нормално е да не си ги знаат докрај своите права. Затоа тука е синдикатот, вели Мајхошев за МИА.

Прашан за новиот Закон за работни односи, за кој имаше и неколку дебати, со сите засегнати страни, Мајхошев потенцира дека ги имал првичните верзии на новиот закон и според него овој закон треба да се донесе, бидејќи стариот веќе е надминат и бара негово прилагодување кон новите услови на стопанисување.

Негов став, но и на уште неколку професори по трудово право, е дека одредбите што се однесуваат за синдикатите, треба да се тргнат и да се донесе посебен закон. Според Мајхошев, процентите за репрезентативност во моментот се високи и потребно е да се намалат за да им се даде можност и на помалите синдикати.

- Во Законот за работни односи, делот што се однесува за синдикатите, делот којшто се однесува за Економско-социјалниот совет, се делови кои е непотребно да се наоѓаат во Законот. Тие треба да се отстранат и таа материја да се уреди во посебен закон. Инаку има дискусија и се размислува да се донесе, а тоа е и мој став посебен закон за синдикатите и таму да се утврди положбата на синдикатите, начинот на добивање на репрезентативност, да се утврди кој орган ќе ја дава репрезентативноста, кои критериуми ќе бидат воспоставени, кои проценти. Мислам дека процентите што се дадени во моментов за репрезентативен статус на синдикатите се премногу високи. Тој цензус треба да се симне, да се даде можност и шанса на помалите синдикати, борбени синдикати, но помали по бројност да влезат и во Економско-социјалниот совет, да добијат репрезентативен статус и да дадат нов квалитет на синдикалниот живот и на синдикалната борба во Република Македонија, посочува Мајхошев.

Во видео разговорот, Мајхошев открива дека во тек се и активности за шестте јавни универзитети во земјава да формираат синдикат на вработените во високото образование, со што вработени во овие високообразовни институции ќе имаат одредени коефициенти, според сложеноста на работната позиција и нема ниту еден вработен или јавен Универзитет во земјава да биде дискриминиран.

- Ние нема да отстапиме во следното, прво ќе сакаме и таков ни е договорот да ги унифицираме коефициентите за секое работно место. Хигиеничар во УКИМ и во останатите да има иста плата, редовниот професор ист коефициент, не може да не делат во државата, кога имаме ист степен на сложеност на труд, иста одговорност, иста тежина на работа и мислам дека тоа ќе го постигнеме со заеднички настап на сите шест јавни Универзитети, рече Мајхошев.

Мајхошев заедно со Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ ја промовираа книгата „Сто години синдикално движење во Штип“. Точно пред 100 години штипјани го организирале и првиот Првомајски протест.

- Занаетчии од различни дејности, конфекциски текстилни работници, шапкари, кондураџии, угостители итн. се здружиле и формирале еден синдикат, да речеме Општински синдикат и избрале свое претседателство, претседател и меѓу првите активности, што ги спровел синдикатот веќе наредната година во април 1924 година го организирале првиот штрајк во Штип, а истата година го организирале и го одбележиле 1 мај со протест, вели Мајхошев.

Според истражувањата на Мајхошев, во изминатите 30 години во земјава имало околу 140.000 протести и штрајкови, а 10 проценти од нив се случиле во Штип.

- Право на штрајк, според позитивното трудово законодавство, можат да организираат само синдикатите и членовите на синдикатот, а тоа се вработените. Така што се што не е вработено, што не се во работен однос можат да организираат протест. Впрочем тоа е гарантирано и со Уставот, тоа е гарантирано и со закон. Значи право на штрајк имаат само вработените, а протест, односно да протестираат можат и невработените и учениците и студентите и пензионерите и други структури во општеството, потенцира Мајхошев.

Викторија Димитрова-Јованова 

Снимател и монтажа: Александар Максимов УГД-Штип

Остани поврзан