• среда, 27 ноември 2024

РСЕ: Отворен Балкан против даночно затајување и признавање на дипломите

РСЕ: Отворен Балкан против даночно затајување и признавање на дипломите
Белград, 4 јуни 2022 (МИА) - Србија, Северна Македонија и Албанија ќе се обврзат преку заеднички договор за заеднички напори за борба против даночното затајување во трите земји, јави дописникот на МИА од Белград. Ова се наведува во текстот на Меморандумот за разбирање во чиј увид имаше Радио Слободна Европа (РСЕ), а кој претставниците на трите земји треба да го потпишат во Охрид, на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ закажан за следната недела. Во Охрид ќе биде потпишан и договор за признавање на дипломите за високо образование, како и меморандуми за културна и соработка во областа на туризмот. Во текстот на Меморандумот кој се однесува за даноците се наведува дека потписниците го имаат предвид „зголеменото значење“ на соработката во борбата против избегнувањето на плаќањето данок. - Одредбите од документот нема да резултираат со никакви посебни одлуки или активности кои би биле обврзувачки и наметнати на која било од страните или трети лица, јави РСЕ, додавајќи дека во текстот се наведува потребата од заедничка работа за поттикнување на почитувањето на даночните обврски во трите држави и секоја страна да може да назначи лице кое во нејзино има ќе ги координира активностите. Во текстот на Договорот во областа на меѓусебното признавање на дипломите иницијативата Отворен Балкан се залага за забрзување на процедурите за признавање на дипломите за високо образование меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија. Доколку постои сомнеж во автентичноста на дипломата, предвидена е можност по електронски пат да се побара потврда од институцијата што ја издала. Се прецизира дека дипломите во Албанија ќе ги признава Центарот за образовни услуги при Министерството за образование, во Србија - Агенцијата за квалификации за професионално признавање, а во Северна Македонија - Одделението за признавање на професионални дипломи на Министерството за образование. Со цел да се промовира културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање, трите страни имаат намера да потпишат и Меморандум за разбирање за културна соработка на Западен Балкан. Меморандум за разбирање во областа на туризмот на Западен Балкан, кој исто така треба да биде потпишан во Охрид, предвидува формирање туристичка мапа наречена „Отворен Балкан“. Државите потписнички се обврзуваат на поттикнување контакти на своите туристички организации и работници, а предвидено е и формирање посебна работна група за таа област. На 7 јуни во Охрид започнува дводневниот самит на иницијативата „Отворен Балкан“, на кој ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Димитар Ковачевски и како гостин црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ. об/паг/

Остани поврзан