• сабота, 23 ноември 2024

РСБСП со апел до родителите: Користете детско седиште и ставајте им појас на децата

РСБСП со апел до родителите: Користете детско седиште и ставајте им појас на децата
Скопје, 24 март 2021 (МИА) - Статистиката покажува дека децата во сообраќајот најмногу страдаат како патници. Водејќи се од тоа, РСБСП потсетува за потребата и обврската за користење на детско седиште и сигурносен појас при превоз на деца во автомобил. - Секој родител, односно секој одговорен возач треба да преземе се што е во негова моќ да ги заштити децата од повреди и загуби во сообраќајот. Една од најважните обврски на родителите, т.е на возачите е токму обврска за користење на детски седишта за превоз на деца до пет години, наведуваат од РСБСП, додавајќи дека користење на детско седиште во автомобил за превоз на деца на возраст до пет години, е законска, морална, етичка, возачка и пред се родителска обврска. Евидентен е фактот, велат, дека бројот на родители/возачи кои не користат детски седишта за превоз на деца до пет години не е мал. Според истражувања на релевантни меѓународни организации, во случај на сообраќајна незгода, детските седишта ја намалуваат смртноста кај децата за 50 отсто, а кај бебињата и до 70 проценти. РСБСП посетува и дека согласно ЗБСП, дете на возраст до 12 години, не смее да се превезува на предното седиште. За деца над пет години задолжително е користење на сигурносен појас без разлика на тоа што детето седи на задното седиште од автомобилот и без разлика на тоа дали учествувате во сообраќај во населено или надвор од населено место. - Родителите ја избегнуваат употребата на детски седишта во автомобил и употребата на сигурносни појаси убедени дека детето е безбедно во нивната прегратка. Станува збор за апсолутно погрешна перцепција, наведуваат од РСБСП. Во случај на сообраќајна незгода со возило кое се движи со брзина од 50 км/ч, во моментот на судир, предметите и телата во возилото продолжуваат да се движат со иста брзина со кое возилото удрило. Во тој случај, како што посочуваат, невозможно е со силата на човечката рака детето да се задржи безбедно во прегратката. Силата со која дејствува детето во таква ситуација е еднаква на сила на дејствување на тело или предмет чија маса е до 30 и повеќе пати поголема од масата на детето. - Затоа, важно е да се потенцира дека, дете кога се превезува во автомобил, единствено безбедно е да биде ставено во соодветно детско седиште или да биде врзано со сигурносен појас, зависно од возраста на детето, додаваат во соопштението. РСБСП апелера до родителите, без разлика на тоа дали детето се противи или не, без какви било оправдување или изговори, да ги преземат сите можни работи кои на кој било начин придонесуваат за поголема заштита на децата додека патуваат. - Гушнете ги децата дома, ставете им појас кога патуваат! Се работи за нивниот живот и нивното здравје!, потенцираат од РСБСП. мс/лв/

Остани поврзан