Романските даночни служби со истрага за Георгеску и инфлуенсери осомничени за финансиски малверзации
- Веднаш откако Уставниот суд на Романија ги поништи претседателските избори, некои од инфлуенсерите кои го поддржаа Георгеску на ТикТок објавија видеа во кои известуваат дека се на границата со Бугарија или во авиони, и дека засекогаш ја напуштаат Романија. Се работи за лица кои првично го поддржувале за надомест, но подоцна, по обелоденувањето на официјалните документи на Врховниот совет за национална одбрана, се откажале од него, забележува Диџи24.
Букурешт, 10 декември 2024 (МИА) - Романската Национална агенција за даночна администрација спроведува истрага против претседателскиот кандидат Калин Георгеску и инфлуенсерите кои го поддржуваа на ТикТок, јавува „Диџи24“.
Истрагата започна откако изборната комисија извести за нула пријавени трошоци за неговата кампања, иако е утврдено дека неколку инфлуенсери биле платени за негово промовирање.
Во моментов Националната агенција за даночна администрација на Романија ја проверува и анализира целата информација добиена од Постојаниот изборен орган во врска со можно затајување на данок и измами. Даночните инспектори ќе ги известат надлежните институции доколку утврдат неправилности.
Веднаш откако Уставниот суд на Романија ги поништи претседателските избори, некои од инфлуенсерите кои го поддржаа Георгеску на ТикТок објавија видеа во кои известуваат дека се на границата со Бугарија или во авиони, и дека засекогаш ја напуштаат Романија. Се работи за лица кои првично го поддржувале за надомест, но подоцна, по обелоденувањето на официјалните документи на Врховниот совет за национална одбрана, се откажале од него, забележува Диџи24.
Обвинители од Главното обвинителство и службеници од Дирекцијата за истрага на економски криминал и Дирекцијата за борба против организираниот криминал во саботата наутро извршија три претреси во домови во градот Брашов, во централна Романија, насочени кон Богдан Пешкир – лицето осомничено дека нелегално ја финансирал кампањата на Калин Џорџеску на TikTok со еден милион евра.
„Претресите се насочени кон евентуално учество на физичко лице во нелегалното финансирање на предизборната кампања на кандидат за претседател на Романија, преку користење парични средства за кои постојат индикации дека се добиени од криминални активности, а потоа биле ’испрани‘,“ се наведува во соопштението на обвинителството, цитирано од локалните медиуми. Обвинителите конфискуваа седум милиони долари во криптовалути од Пешкир. Тој самиот беше ослободен. ссм/
фото: архива