Романија: Кината со помали приходи и покрај поскапите билети
- До крајот на 2024 година, Романија имала 108 кина, наспроти 103 во 2023 година, при што мултиплексните кина учествувале со над 96 отсто од приходите и 93 отсто од вкупниот број на посетители.
Букурешт, 8 јуни 2025 (МИА) – Романците потрошиле 59 милиони евра во кината во 2024 година, што е за 5 отсто помалку во споредба со 2023 година, и покрај зголемувањето на цените на билетите за 10 отсто.
Според Националниот центар за кинематографија, бројот на посетители во кината опаднал за 14 отсто, од 13,1 милиони во 2023 година на 11,2 милиони во 2024 година.
Во 2023 година, кино пазарот во Романија се врати на нивоата пред Ковид-пандемијата, но во 2024 година приходите на кината паднаа на околу 59 милиони евра, во споредба со рекордните 63 милиони евра во 2023 година. Просечната цена на билетот благо се зголемила.
До крајот на 2024 година, Романија имала 108 кина, наспроти 103 во 2023 година, при што мултиплексните кина учествувале со над 96 отсто од приходите и 93 отсто од вкупниот број на посетители.
Аналитичарите од индустријата истакнуваат дека развојот на кино пазарот во 2024 година, во време кога културните и забавните активности придонесоа за растот на БДП, покажува промена во преференциите на урбаната публика.
„Во пејзаж доминиран од дигитални содржини и персонализирани искуства, традиционалните кина мора да ја преиспитаат својата улога во екосистемот за забава“, велат тие. Додаваат дека оваа тенденција влијае врз развојот на трговските центри, каде кината долго време биле клучни атракции, а сега се потребни мултифункционални простори што комбинираат трговија, култура и технологија. ссм/
фото: архива