• вторник, 24 декември 2024

Роднини на настраданите во Ласкарци побараа Судот што поскоро да донесе пресуда

Роднини на настраданите во Ласкарци побараа Судот што поскоро да донесе пресуда

Скопје, 24 јануари 2023 (МИА) – Супервештачењето што го чекавме повеќе од една година и фактот што денеска не се појавија вештаците, повторно ни создава сомнеж дека овој судски процес не оди во насока да се избегнат секирањата и да се заборави, и со тоа да се даде можност вистината и правдата да излезат на виделина, изјави Синиша Ристовски, брат на починатиот Дејан Ристовски, починат во сообраќајката кај Ласкарци.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Вештиот наод од Бирото за вештачење пристигна на изминатото рочиште и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители.

Во изјава за медиуми по денешната расправа на која судот донесе решение, по дадена согласност на сите странки, поради економичност и целисходност на постапка, сите досега изведени докази да се прочитаат и постапката да продолжи со увид во супервештачењата, предвиден за наредното рочиште, Ристовски рече дека додека не се одржи рочиштето во четврток, на кое е предвидено да сведочат два тимови на машински и сообраќајни инженери, не можеме да бидеме сигурни дали повторно ќе има судски процес.

Според Благојче Трпевски, родител на Јовица Трпевски, исто така, настрадан во Ласкарци, како што рече „од она што имав можност да го видам претходно, супервештачењето нема да промени ништо“.

- Тоа супервештачење е изготвено од машински и сообраќајни инженери и содржи 50-60 страни од кои повеќе се слики. Иако денеска требаше да бидат на лице место луѓето што го супервештачеа, не дојдоа. Судот требаше да ги казни овие луѓе што го прават ова. Кај нас веќе се ствара огромен револт и сомнеж дека ова намерно се одолговлекува за виновниците да не ги стигне правдата, но, ние нема вака да дозволиме, рече тој.

Роднините побараа судот што поскоро да донесе пресуда со цел да се задоволи правдата и по четири години од несреќата случајот конечно да добие разрешница.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски. ар/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан