• петок, 14 март 2025

Роднини на загинатите од летот MH17 се обратиле за помош до Трамп и Фон дер Лајен

Роднини на загинатите од летот MH17 се обратиле за помош до Трамп и Фон дер Лајен

Вашингтон, 28 февруари 2025 (МИА) - Роднини на загинатите при уривањето на летот MH17 на авиопревозникот Malaysia Airlines што се урна во областа Доњецк, се обратиле до претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со барање да не се склучува мировен договор со Русија сè додека таа не ја признае својата одговорност за катастрофата, јавуваат дел од американските медиуми.

Роднините на жртвите во летот MH17 сметаат дека стабилен мировен договор меѓу Русија и Украина е невозможен без Москва да ја признае својата одговорност за уривањето на авионот. Во писмата тие нагласуваат дека без ова „не може да има траен мир“.

Роднините на загинатите одамна водат правна битка Русија да биде повикана на одговорост. Нивната позиција ја поддржува и владата на Холандија, бидејќи најголемиот број патници на летот – 192 лица – беа холандски државјани. Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАСЕ), во јуни 2022 година изјави дека „најубедливото сценарио е дека MH17 е соборен од рускиот (ракетен систем) ‘Бук’“.

Патничкиот авион Боинг на Malaysia Airlines, што леташе од Амстердам до Куала Лумпур, беше соборен над областа Доњецк на 17 јули 2014 година. Меѓународната истрага утврди дека авионот бил погоден од ракета испукана од руски противвоздушен систем „Бук“. Во катастрофата загинаа сите 298 лица што се наоѓале во авионот. кб/

фото: 

Остани поврзан